Се судрија два воза во Барселона, најмалку 155 повредени

LinkSense.mk

Најмалку 155 лица се повредени денеска во судир на два воза во предградието на Барселона, соопшти службата за итни случаи.

Локалните медиуми јавуваат дека возовите се движеле во иста насока и се судриле додека еден стоел на станицата.

Каталонската полиција истражува како се случила оваа несреќа на станицата Монткада и Реиксак – Манреса, на околу 12 километри од центарот на градот.

Службите за Итна помош на Твитер објавија дека 150 лица се полесно повредени, а останатите пет се здобиле со малку посериозни повреди.

Три лица се префрлени во болница.

Железничкиот сообраќај на неколку линии беше кратко во прекин, соопштија од регионалната влада.

Опишувајќи го моментот на судирот, една патничка рече дека почувствувала страшен удар.

„Луѓето врескаа“, рече таа.

Друга патничка сведочеше дека видела „луѓе со многу крв на нив, веројатно од исеченици“.

Претседателот на каталонската регионална влада, Пјер Арагонес, побара од возниот оператор „Ренфа“ и шпанската влада итни објаснувања за причините што довеле до несреќата.

Шпанската министерка за транспорт, Ракел Санчез, рече дека внимателно ја следи ситуацијата и им посака на жртвите брзо закрепнување.

 

 

 

 

 

 

(Фото: Профимедиа)