Сибирски научници направија нова антиковид вакцина

Рускиот државен научно-истражувачки центар за вирусологија и биотехнологија „Вектор“ ги спроведува првата и втората фаза на клинички испитувања со тројна вакцинација против корона вирусот со „ЕпиВакКорона“, соопшти шефот на Одделението за зоонотски инфекции и грип, Александар Рижиков на профилот „Роспотребнадзор“ на Инстаграм.

Како што објаснува тој, тројната вакцинација со „ЕпиВакКорона“ првпат е применета на примати во мај 2020 година, а нивната состојба и понатаму се следи. Втората група животни кои ја сочинувале ласици и морски прасиња била имунизирана на ист таков начин кон крајот на јули, лани.

„Ја проверувавме напоредната ефикасност на двојна и тројна вакцинација. Ефектот на зголемувањето и траењето на имунитетот е потврден, пред се на приматите“, заклучи научникот.

Како што истакнува, при тројната вакцинација, составот на „ЕпиВакКорона“ воопшто не се менува.

Рижиков, патем, и додава дека после вакцинацијата со „ЕпиВакКорона“ имунитет се развива кај повеќе од 90 отсто од вакцинираните.

„Независните истражувања покажуваат дека реално на вакцинацијата реагира голем процент на населението. Сега спроведуваме случајни истражувања меѓу имунизираните групи и гледаме дека тие бројки се значително поголеми од 90 отсто“, прецизира тој.

„ЕпиВакКорона“ е втора регистрирана вакцина во Русија за превенција од Ковид-19. Вакцината не содржи жив вирус. Таа формира имунитет благодарение на вештачки синтетизирани пептиди. Вакцината ќе чини 4.210 рубљи, што е околу 46 евра.

Руската служба за санитарен надзор и контрола („Роспотребнадзор“) соопшти дека сите тестови не можат да откријат антитела после примањето на вакцината „ЕпиВакКорона“, заради што заедно со вакцината ќе испорачуваат и специјални тестови.

Во Русија се регистрирани уште две вакцини против корона – „Спутник Ве“ на центарот „Гамалеј“ и „КовиВак“ на центарот „Чумаков“.