СИГУРНИ ВО УСПЕХОТ: Германски лекари ќе пресадуваат свинско срце на човек

LinkSense.mk

Тим од кардиохирурзи од Германија веруваат дека за најмногу две години ќе успеат да пресадат модифицирано свинско срце на човек и очекуваат дека резултатот ќе биде подобар од оној постигнат после првата таква трансплантација во светот, која ја извршија американски лекари.

„Во завршна фаза сме“, рече кардиохирургот Бруно Рајхарт, член на истражувачката група во Универзитетската болница „Гросхадерн“ во Минхен.

„Ни недостасува уште една важна компонента и работиме на тоа.“

За пресадување, истакна Рајнхард, ќе се користеле помали свињи од видот Окланд од Нов Зеланд кои биле генетски модифицирани.

Животните мора да тежат меѓу 70 и 90 килограми, затоа што во спротивно нивното срце би било преголемо за луѓето.

„После процесот на модификација срцата прво ќе бидат тестирани на павијани“, вели 80-годишниот Рајхарт, кој со децении се занимава со оваа работа.

Мајмуните со свинско срце треба да преживеат една година пред да започнат испитувањата кај луѓето.

Пресадувањето на органи од еден вид на друг, процес наречен ксенотрансплантација, напредуваше со големи чекори минатата година кога хирурзите во Мериленд, за прв пат, пресадија свинско срце на човек.

„Тоа што пациентот преживеа два месеци, земајќи ги предвид сите негови коморбидитети, е добар резултат“, вели Рајхарт.

Тим од Медицинскиот универзитет во Мериленд во јануари минатата година трансплантираше срце од свиња со десет модификации на смртно болен човек.

После децении ксенотрансплантациски истражувања, експертите се убедени дека свинските срца би можеле да бидат остварлива опција за пациентите на кои им треба ново срце.

Рајхарт, кардиохирурзите Кристијан Хагл и Паоло Бренер и ветеринарот Екхард Волф се меѓу водечките светски експерти во истражување на ксенотрансплантација.

Оваа група експерти во Минхен пред седум години започна успешни експерименти со павијани кои преживеаја и до половина година после трансплантацијата на свинско срце.

„Мојата намера е резултатот од операцијата да биде поуспешен од минатогодишниот во Мериленд“, изјави Рајхарт.

Поради возраста тој повеќе не оперира, но вели дека „би сакал да биде во салата кога операцијата ќе успее“.

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Профимедиа)