Синдикатот и ВМРО-ДПМНЕ си рекоа „ДА“

На еден месец пред избори, се случи преседан во синдикализмот во Македонија.
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) и Владата потпишаа меморандум за соработка. На настан не можеше да присуствува кој било медиум.

Текстот на меморандумот е објавен само на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, а не и на сајтот на ССМ. Потписници се ВМРО-ДПМНЕ, ССМ, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Конфедерацијата на слободни синдикати и Сојузот на здруженијата на пензионерите, чија улога во друштво со другите потписници е симптоматична.

ССМ, по дефиниција и по статут е невладина и непартиска организација, што би требало да значи дека не треба да влегува во сојузништво со ниедна партија или влада. Она што е единствено „дозволено“ е соработка со власта, секако, во интерес на работниците, на кои и им припаѓа Синдикатот.

При потпишување на меморандумот, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, рекол дека еден од најголемите приоритети на Владата е да им обезбеди работа на граѓаните и да создаде услови за пристоен живот. Како заеднички придобивки со Синдикатот ги споменал новите над 160 илјади работни места, падот на невработеноста од 38 на 24 отсто и воведувањето на минималната плата.

„Обединувањето на сите прогресивни сили во општеството е еден од најважните квалитети на ВМРО-ДПМНЕ. Треба да се комуницира, да се разменуваат идеи, сугестии и предлози кои се од значење во понатамошното спроведување на владините политики“, рекол Груевски.

Претседателот на Синдикатот, Живко Митревски, всушност, со писмо ги информираше гранковите синдикати, за „постигнатиот успех“. Со него тој им наложува на членовите на органите на ССМ и на синдикатите да немаат никакви работни активности и иницијативи, додека не завршат изборите. Со тоа ќе ја покажеле својата принципиелна, непартиска, недржавна, автономна позиција.

На писмото на Митревски реагираа само два синдикати во рамки на ССМ, Синдикатот на УПОЗ и Синдикатот за индустрија, рударство и енергетика.

„Синдикатот се парализира токму во време кога треба да се притиснат партиите на законски измени во прилог на работниците. Се сомневам дека оваа одлука е од органите на ССМ, бидејќи е спротивна на Статутот и значи директно мешање во работата и ставовите на гранските синдикати. Ние не сме партии и не водиме политика и не комуницираме со партии, туку со работодавци кои се наш социјален партнер“, вели Пецо Грујовски, претседател на Синдикатот на УПОЗ,.

И претседателот на СИЕР, Пеце Ристовски, оценува дека во овој период треба од партиите да се побараат нормативни измени за поголеми права. Но, тоа, според Ристовски, не треба да значи приклонување кон некоја партија, како што тоа го направил Митревски, најмалку во два наврати.

Овие два синдикати писмено го информираа Митревски дека нема да ги почитуваат неговите наредби.
„Во наредниот период, до одржување на парламентарните избори, ќе комуницираме со сите политички партии и од нив ќе бараме исполнување на барања во интерес на работниците, што постојано го истакнуваме во изминативе години. Митревски, имате погрешно сфаќање за тоа што е и што претставува Синдикатот. Претседателот на ССМ не смее да биде портпарол на власта и тој не е овластен да дава изјави во име на гранските синдикати“, стои меѓу другото во писмото на УПОЗ и СИЕР.