Северна Кореја истрела неколку балистички ракети, вклучително и ракета што ги активираше сирените за тревога во делови од централна и северна Јапонија, соопшти денеска Токио.
Официјални лица во Јужна Кореја и Јапонија соопштија дека проектилот можеби бил интерконтинентална балистичка ракета, оружје со најголем дострел, дизајнирано да носи нуклеарна боева глава на другата страна на планетата, пренесува Ројтерс.
Јапонската влада првично објави дека ракетата ја прелетала територијата на земјата, што подоцна беше демантирано.

Јапонскиот министер за одбрана, Јасуказу Хамада, рече дека владата ја загубила ракетата од радарот над Јапонското Море, додека јужнокорејските власти информираа дека интерконтиненталната балистичка ракета направила „неуспешен лет“, објави новинската агенција Јонхап.
Пензионираниот вицеадмирал и поранешен командант на флотата на јапонските поморски сили за самоодбрана, Џоџи Кода, вели дека загубата на ракетата од радарот укажува на неуспешно лансирање.
„Тоа значи дека во одреден момент имало проблем на патеката на летот и дека ракетата всушност се распаднала“, изјави тој.
Портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон истакна дека американскиот претседател, Џозеф Бајден, и неговиот тим, ја „проценуваат ситуацијата“, додавајќи дека Вашингтон ќе ги преземе „сите неопходни мерки“ за да се обезбеди безбедност.
Претходно, вчера, Северна Кореја истрела повеќе од 100 артилериски ракети од нејзиниот источен брег во воената тампон зона, воспоставена со договорот со Сеул, соопшти војската на Јужна Кореја.
(Фото: „Дојче Веле“)







