Си-Ен-Ен предупредува: Доаѓа глобална енергетска криза

LinkSense.mk

Астрономски раст на цената на природниот гас. Вртоглави трошоци за јаглен. Предвидување за цената на нафтата од 100 долари по барел. Глобалната енергетска криза предизвикана од временските прилики и повторениот раст на побарувачката станува се потешка, што предизвикува тревога непосредно пред почетокот на зимата, кога е потребно повеќе енергија за осветлување и за греење на домовите. Националните влади ширум светот се обидуваат да го ограничат влијанието на цената на потрошувачите, но признаваат дека можеби не ќе можат да ги спречат високите сметки, пишува Си-Ен-Ен.

Состојбата дополнително ја комплицира се поголемиот притисок на националниуте влади да ја забрзаат транзицијата на почиста енергија, додека светските лидери се подготвуваат за клучниот самит за климата во ноември. Во Кина веќе почнаа редукции на струја за населението, додека во Индија електраните меѓусебно се борат за јаглен. Друштвата на потрошувачи во Европа повикуваат на забрана за прекин на испораката ако корисниците не можат веднаш да го платат она што го долгуваат.

„Овој ценовен шок е неочекувана криза во критично време. Непосреден приоритет би требало да биде ублажување на општествените влијанија и заштитата на загрозените семејства“, рече во средата високиот претставник на Европската унија за енергетика Кадри Симон, додавајќи притоа дека Унијата следната недела ќе ги изнесе своите долгорочни политики.

Во Европа со природен гас сега се тргува по 230 долари по барел, изразено во нафтен еквивалент, што е пораст од 130 отсто од почетокот на септември и повеќе од осум пати над цената во истиот период минатата година. Во источна Азија цената на природниот гас порасна за 85 отсто од почетокот на септември, достигнувајќи отприлика 240 долари за барел. Цените во Соединетите Американски Држави, нето извозникот на природен гас, и понатаму се значително ниски, но сепак скокнаа на најголема стапка во последните 13 години.

„Цените се хранат со стравот од тоа како ќе изгледа зимата“, рече Никос Тсафос, експерт за енергетика и геополитика од Центарот за стратешки и меѓународни студии од Вашингтон. Тој верува дека вознемиреноста предизвикала одвојување на пазарот од основата на понудата и побарувачката.

Зголеменото побарување на природен гас, исто така, ја зголемува цената на јагленот и нафтата, кои во некои случаи можат да се користат како замени, но се штетни за околината и климата. Во Индија, која и понатаму директно зависи од јаглен, дури 63 од 135 електрани на јаглен имаат резерви за само два дена.

Овие околности предизвикуваат загриженост кај централните банки и инвеститорите. Растот на цената на енергијата придонесува за инфлација, која и инаку беше главна грижа, затоа што глобалната економија се обидува да ги отфрли долготрајните ефекти од ковид-19. Динамиката во текот на зимата може да ги влоши работите. Кризата беше предизвикана поради големиот пораст на побарувачката за енергија среде економското заздравување од пандемијата и внимателно калибрираните системи кои лесно можат да се пореметат заради временските случувања или механичките проблеми. Невообичаено долга и ладна зима на почетокот на оваа година ги исцрпи резервите на природен гас во Европа. Растечката побарувачка за енергија го наруши процесот на снабдување, што обично се случува во текот на пролетта и летото.

Растечкиот апетит на Кина за течен природен гас значи дека пазарите на ТНГ не можат да ја пополнат празнината. Падот на извозот на руски гас и необично мирните ветрови уште повеќе го зголемија проблемот.

Скокот на цената на енергијата моментно во Европа навистина е единствен. Никогаш досега цените на енергијата не растеле така брзо. А, само што влеговме во есента, температурите се сеуште благи“, рекоа оваа недела на своите клиенти енергетските аналитичари во банката Сосиете Женерал.

Оваа динамика одекнува глобално. Во САД цените на природен гас пораснаа за 47 отсто од почетокот на август. Борбата за јаглен, исто така, предизвикува скок на цената која многу европски компании мораат да ја платат за кредитите за јаглен, како би можеле да согоруваат фосилни горива. Дополнително, енергетската криза ја поттикнува цената на нафтата, која оваа недела ја достигна седмогодишната највисока стапка во САД. Американската банка неодамна предвиде дека ладната зима би можела да ја покачи цената на суровата нафта „брент“, глобалното нафтено мерило, над 100 долари за барел.цените не биле толку високи од 2014 година.

Џим Буркхард, кој води истражување на „ИХС Маркит“ за суровата нафта, енергијата и мобилноста, вели дека моментно не гледа никакво олеснување.

Изгледа дека ваквата состојба ќе потрае низ целата зима на северната хемисфера. Не постои Саудиска Арабија за гас“, рече Буркхард, мислејќи на „еден снабдувач“ кој може брзо да го зголеми производството на природен гас.

Русија теоретски може да го зголеми производството. Сосиете Женерал напоменува дека брзото одобрување на германските власти за политички чувствителниот гасовод „Северен ток 2“, преку кој гасот би се пренесувал директно од Русија во Европа, значително би го намалил стресот. Во средата рускиот претседател Владимир Путин истакна дека Русија би можела да го зголеми своето производство, напоменувајќи дека “државниот гасен гигант ‘Газпром’ никогаш не одбил да ја зголеми испораката за своите потрошувачи ако тие поднесат соодветни понуди“.

Но Неил Чапман, потпретседател на „ЕксонМобајл“, нагласува краткорочни ограничувања: „Се разбира дека постои голема загриженост. Во нашата индустрија, која е капитално интензивна, не можете да ја вклучите само понудата.

Најдоброто сценарио, според Буркхард, е зимата да биде со просечни температури, што би овозможило да попушти притисокот во вториот квартал на 2022 година. Меѓутоа, лошите временски прилики во месеците што надоаѓаат би направиле голема напнатост, особено во земјите кои во голема мера се потпираат на природниот гас за производство на енергија, како што се Велика Британија и Италија. Британија е во посебно тешка состојба затоа што и недостасуваат капацитети за складирање и мора да се носи со прекинатите далеководи кон Франција.

Велика Британија е веројатно во најголем ризик од недостаток во текот на зимата меѓу големите европски економии. Ако тоа се случи, националната влада веројатно ќе бара од фабриките да го намалат своето производство, односно потрошувачката на гас, како би ги осигурале резервите за домаќинствата“, вели Хенинг Глојстен од консултантската компанија „ЕурАсиа Груп“.

Големиот скок во трошоците за енергија, кои не покажуваат знаци на опаѓање, го поттикнува стравот од инфлација, кој веќе ги натера политичарите внимателно да ги разгледаат своите следни чекори. Цената на енергијата во развиените земји во август пораснаа за 18 отсто, што е најголем пораст од 2008 година, според податоците кои во вторникот ги објави Организацијата за стопанска соработка и развој (ОЕЦД). И тоа пред значително да се влоши состојбата последниве недели. Поголемите сметки за енергија можат да ја намалат потрошувачката моќ на граѓаните за облека или активности како што се излегувањата во ресторани, што ќе наштети на закрепнувањето после пандемијата. Ако од фирмите се бара намалување на активностите заради зачувување на енергијата, тоа би можело да му наштети на стопанството.

Постои загриженост дека поскапувањето на гасот ќе го доведе во опасност заздравувањето на европското стопанство после пандемијата“, рече Глојстен.

Исто така, постои загриженост дека нестабилноста на цената може да го поттикне скептицизмот во јавноста за финансирање на енергетската транзиција, смета Глојстен, особено ако на потрошувачите им се потребни поголеми вложувања во нафта и гас за да спречат идни осцилации. Владите кои се обврзале на намалување на емисиите превентивно се обидуваат да испратат цврста порака – ова ја поддржува, а не ја поткопува, можноста на вложувањето во поголема мешавина на извори на енергија.

Јасна е потребата од долгорочно вложување во обновливи извори на енергија. Тоа ни дава стабилни цени и поголема независност, затоа што 90 отсто од гасот се увезува во Европската унија“, рече во средата претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен.