Скандалозно: Џонсон и соработниците се забавувале во најголемата ковид криза!?

LinkSense.mk

Британската телевизија Ај-Ти-Ви њуз (ITV News) објави видео од минатиот декември, од кое се добива впечаток дека претставници на Кабинетот на британскиот премиер се шегуваат со одржување на божиќна забава на Даунинг стрит 10, само четири дена по настанот, во моментот кога строгите мерки за ковид беа поставени во Велика Британија.

Членови на Кабинетот на премиерот Џонсон на видеото се смеат и споменуваат „сирење и вино“, додека тогашната портпаролка Алегра Стратон забележала дека „дефинитивно немало социјална дистанца“.

Видеото од 22 декември 2020 година е, како што наведува Ројтерс, проба за прес-конференција на Даунинг стрит, која Стратон требало да ја води, а вработените во салата поставуваат измислени прашања за да и помогнат да се подготви.

„Само што видов извештаи на Твитер дека во петокот навечер имало Божиќна забава на Даунинг стрит, дали ги препознавате тие извештаи?, прашува еден од присутните, советникот на британскиот премиер Ед Олдфилд.

„Отидов дома“, одговара Стратон низ смеа, пред да се собере и да каже „почекај“, затоа што изгледа дека размислува каков треба да биде нејзиниот одговор.

По долга пауза, Олдфилд прашува: „Дали премиерот ја одобри Божиќната забава?“, а Стратон се смее, гледајќи во подот, пред да праша: „Кој е одговорот?

Персоналот потоа се обидува да и помогне на портпаролката на поранешниот премиер да формулира одговор.

„Тоа не беше забава, беше само сирење и вино“, одговара еден.

„Дали сирењето и виното се во ред?“ прашува Стратон.

Во тој момент, член на Кабинетот на Џонсон кој коментираше за сирење и вино како да рече „Не… шега“.

Стратон додава: „Тоа беше деловен состанок“, додека пак се смее. Таа потоа ги предупредува колегите дека „ова е снимено“ и се смее, наведувајќи дека „оваа измислена забава е деловен состанок и дека нема социјално дистанцирање“.

Џонсон се соочува со прашања и критики откако минатата недела лондонскиот весник „Мирор“ објави дека имало многу собири во канцеларијата на Џонсон на Даунинг стрит 10, за време на минатогодишниот Божиќ.

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Кир Стармер, изјави дека ова видео е навреда за оние кои ги почитуваат правилата за изолација, кога тоа значело да бидат одвоени од нивните семејства за Божиќ.

„Имаа право да очекуваат и власта да го стори истото. Премиерот сега треба да се изјасни и да се извини“, се вели во соопштението на Стармер.

Во говорот пред Ај-Ти-Ви да го објави видеото, Џонсон рече дека е задоволен што владата не ги прекршила ограничувањата за време на затворањето поради Ковид-19.

„Цело време се почитуваа упатствата. Ве уверувам во тоа дека протоколите беа целосно запазени“, изјави Џонсон за медиумите.

 

 

 

 

(Фото: АП)