Скопје бара Софија да покаже европска големина

„ЕУ да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Албанија и Северна Македонија“, е еден од заклучоците во декларацијата на осумте претседатели од Западен Балкан, од десетиот самит на процесот Брдо-Бриони во Словенија.

Претседателот на Словенија Борут Пахор соопшти дека со заедничка декларација се повикува Европската унија да го види регионот на Западен Балкан како целина, а не само како одделни држави со кои преговара и оти треба да гледа на регионот како на геополитичко прашање.

„Тоа е реципрочен процес. ЕУ мора да го забрза проширувањето и земјите од Западен Балкан мора да ги забрзаат реформите“, рече Пахор на заедничката прес- конференција со Зоран Милановиќ, претседателот на Хрватска.

Милановиќ, пак, оцени дека Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите, посочувајќи дека станува збор за условите кои и се поставени на земјата во една, релативно зрела фаза на преговорите со ЕУ, а се однесува на содржината во некои учебници по историја.

„Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави, и на тоа, отворено ќе се спротивставам“, изјави хрватскиот претседател.

Пендаровски на самитот Брдо-Бриони порача дека од круцијално значење е да почнат преговорите со Македонија и со Албанија за членство во Унијата и оти на тој пат, е апсолутно јасно дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција. Евентуалните неуспеси на тој пат, вели, дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на Европската Унија и нејзиното влијание во регионот.

„Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека процесот на преговори не смее ни малку да се оптеретува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со вредностите кои земјите-членки во тие организации ги почитуваат“

                      Стево Пендаровски

 

Тој истакна дека претседателите на Хрватска и Словенија, Пахор и Милановиќ, се заложиле во наредниот период, во рамки на Европската Унија, да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на спорот меѓу нас и Бугарија.

Премиерот Зоран Заев вели дека верува оти ќе се најде решение за отворените прашања со Бугарија и упати порака директно, до претседателот Румен Радев и до техничката Влада во Софија, да покажат европска големина кон еден од своите први соседи, и на Македонија да и дадат шанса да го продолжи процесот за членство во Унијата.

Во интервју во дневникот на МРТВ, Заев при тоа се повика на консензуалната одлука на сите 27 земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија, дека сме ги исполниле условите за почеток на преговорите.

 

„Да продолжиме да градиме пријателство. Важно е каква историја пишуваме сега. Нашите млади луѓе сакаат да ги отвориме вратите и можностите за соработка, а не да бидеме заглавени во минатото“,

                       Зоран Заев

 

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изјави дека очекува засилен ангажман на португалското претседателство за спроведување на одлуката на Советот од март минатата година за отворање на преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.

„Очекувам засилен ангажман од португалското претседателство кое што мислам дека има добра волја. Далеку се географски, но нивната позиција на чесен посредувач е јасна – сакаат успех, сакаат да ја спроведат одлуката на Советот од март, минатата година“,

                  Никола Димитров

Тој посочува и дека има извесни и директни контакти на различни нивоа, директни македонско-бугарски контакти, за кои, вели, има изгледи тие да се засилат во претстојниот период.

Портпаролката на грчката Влада, Аристотелиа Пелони, во однос на идеите и предлозите за тргање на бугарската блокада, кои Мицотакис ги развил на средбата во четвртокот во Атина со Заев, уште еднаш ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

„Ние ја поддржуваме европската перспектива на сите наши соседи, на земјите од Западен Балкан, секогаш под предуслови и доколку се исполнети критериумите“, рече Пелони.

Поддршката на Грција за прогресот на интеграција на Македонија кон Европската Унија, вчера ја реафирмирал и Русос Кундурос, новиот грчки амбасадор во Македонија на средбата со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Груби, пак, ја нагласил потребата на спроведувањето на Преспанскиот договор, како и подготвеноста на Скопје да го реши спорот со Бугарија без никакво одлагање.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, вечер во Брисел, очекува од лидерите од Западен Балкан да му ги презентираат своите ставови за политичката состојба и развојот во регионот.

Како што изјави портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, самото одржувањето на состанокот е важно затоа што Борел оценил дека немало такви состаноци меѓу високи претставници на Унијата и Западен Балкан, и дека е „логично продолжение на дискусијата што министрите за надворешни работи на ЕУ ја одржаа минатата недела за регионот, кога дискутираа од поширок стратешки и политички агол за Западен Балкан, а не само за проширувањето“.

 

 

(Фото: МИА)