Снежни лавини затрупаа села во Авганистан и Пакистан

Најмалку 38 луѓе загинаа во последните три дена во лавини ширум Авганистан, соопштија официјални лица.

Во лавините кои беа предизвикани од обилните снежни врнежи во различни делови од земјата, повредени се и повеќе од 20 луѓе, изјави Омар Мохмади, портпарол на авганистанскиот министер за управување со вонредни ситуации и хуманитарни работи.

Според неговите зборови, 22 од 34 покраини во Авганистан се погодени со силни снежни врнежи. Во лавините биле срушени 20 куќи, а 50 се оштетени.

Владата на територијата на целата земја прогласи колективен годишен одмор поради невремето.

Најмалку девет лица, меѓу кои четири жени и четири деца, денес загинаа, додека тројца останаа заглавени кога снежна лавина се сруши врз село во северен Пакистан.

„Несреќата се случи во 03.00 часот по локално време во селото Шерсал во дистриктот Читрал, затрупувајќи осум куќи“, рече Шима Ајуб Кан, портпаролката на Службата за вонредни ситуации во провинцијата Кибер Пактунква, пренесува АФП.

Кан изјави дека три лица се спасени од снегот, додека најмалку уште тројца се и понатаму заглавени.

Тој регион го погодиле обилни снежни врнежи, а висината на снежната покривка на некои места достигнаа висина од 1,2 метри.

Висок официјален претставник од локалната администрација Шахаб Хамид го потврдија бројот на загинати во лавината, додавајќи дека повеќето патишта во регионот се блокирани.

„Се обидуваме да ги одблокираме патиштата и да им помогнеме на луѓето“, рече тој.

Секоја година Пакистан е на удар на временски непогоди, при што лавините во зима и поплавите во лето често однесуваат човечки животи, потсетува француската агенција.