Советник на Трамп му посака смрт на Барак Обама

Американски бизнисмен, копретседател на предизборната кампања на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, предизвика денес жестока критика со изјавата дека му посакува смрт на претседателот на САД во заминување Барак Обама и со расистичка оценка за неговата сопруга, Мишел Обама.

На прашањето што би посакал за Новата година, Карл Паладино рече дека сака Обама „да добие болест луди крави и од тоа да умре“.

За Мишел Обама рече дека сака таа „повторно да стане човек и да биде пуштена во шума во Зимбабве за да може мирно да живее во пештера со горилото Максиј“.

Неговата изјава предизвика бурна реакција.

Гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо рече дека таа изјава е „грда, расистичка и за секоја осуда“.

Трамп не реагираше, но една негова неименувана портпаролка изјавила дека таквите коментари се „за секаква осуда“.

После тие реакции Паладино објави отворено писмо во кое наведува дека во неговата изјава „нема ништо расистичко“.

Паладино повторно го критикуваше Барак Обама кого го смета за „кукавица“, додека за Мишел Обама вели дека би требало да оди „некаде каде што би била среќна“.