Инцидентот во Охрид е дел од хибридна војна против Македонија

LinkSense.mk

„Дел од хибридната војна против Македонија е и последниот случај во Охрид, со претепувањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб поради кој овие денови се нарушија кревките македонско бугарски односи“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Утрински печат“.

„Од иста групација се и оние коишто тепале и оние коишто се тепани. Тоа ја докажува таа хибридна војна. Не може во ниту еден момент, ниту еден граѓанин, без разлика на национална, верска, политичка и било која друга припадност да биде физички нападнат и да биде малтретиран. На тоа државата јасно ќе се спротивстави и ќе преземе мерки какви што презема и во овој случај. Се обидуваат да ни накалемат дека не преземаме мерки за некоја категорија на граѓани, дека не водиме ефикасни истраги. Тоа не е точно“, рече Спасовски.

Тој потенцираше дека последните случувања се дел од поголемо сценарио, зад кое стојат одредени неодговорни политичари кои, според него, не сакаат да имаат добри односи во регионот.

„Многу лажни вести се шират. Не реагирала полицијата иако било пријавено, а не реагирало ниту здравството. Не е точно.  Веднаш после пријавата, полицајци отидоа во болница за да видат што се случило, да земат изјава. Во Општата болница се преземени мерки, пациентот е згрижен, а после тоа испратен во Свети Еразмо. Ова мора да го знае македонската јавност, за да не бидеме манипулирани поради неинформираност“, вели Спасовски.

Тоа што повредениот Пендиков експресно беше префрлен во Бугарија на лекување, според него, е исто така дел од смислено сценарио.

„Ова е креирано сценарио, со кое се сака да се покаже наводна грижа, а исто таква и подобра може да добие и во установите во нашата држава. Не смееме да подлегнеме на провокациите од било која страна која ќе го наруши нашиот меѓудржавен однос, која ќе го наруши нашиот пат кон Европската унија. Ние мора сериозно да реагираме и да одговориме на секоја провокација и навреда на македонскиот народ и македонската држава“, порача Спасовски.