Средба Ковачевски-Схинас

LinkSense.mk

Зајакнувањето на капацитетите на земјата за надминување на предизвиците со илегалната миграција, но и скрининг процесот што и претстои на земјава биле темите на разговор на средбата што премиерот Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот, Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ја имал со потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас.

На состанокот било истакнато дека Македонија останува посветена на управување на сите релевантни аспекти на надворешните миграции, и дека државата, имајќи ги предвид миграциските текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, со години неуморно и посветено работи со цел успешно да се справи со миграциската криза.

Премиерот Ковачевски на состанокот посочил дека заедно со европски партнери, како и други земји од Западен Балкан, успеавме, најдобро што можеме, да се справиме со миграцијата.

Од декември 2015 година па наваму на јужната граница континуирано се имплементира меѓународна заедничка операција во која учествуваат странски полициски службеници од осум европски земји.

Со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС, што се очекува да се случи мошне скоро, ќе се отвори можноста за распоредување на сили на мисијата на територијата на Македонија, што уште повеќе би придонело во поглед на успешното справување со нелегалната миграција.