Средината не ѝ прилега на Арсовска

LinkSense.mk

Данела Арсовска или ќе биде многу успешна градоначалничка на Скопје или ќе биде вистинска катастрофа, кај неа нема да има средина“, ми вели еден од клучните луѓе на ВМРО-ДПМНЕ вклучен во нејзиниот „независен“ изборен штаб кои ѝ помогнаа за убедливата победа на последните локални избори. Додуша, како што се испостави, и тој не бил толку клучен за победата, колку граѓанското расположение кон претходниот скопски градоначалник и неговата партија.

Но, во политиката триумфот на победите трае многу помалку одошто тоа го очекуваат или барем на што се надеваат победниците

Кога успешно ќе ги убедите гласачите, со сите предизборни претерувања, дека во градот сѐ е катастрофа, потоа таа катастрофа треба вие да ја решавате. И никој не ви дава 100 дена мир за уште малку да ја опишувате катастрофата.

Така деновиве и разбравме – првично, белки, преку фејсбук – дека ветувањето за бесплатен автобуски превоз нема да се оствари, барем не во наредните две години. Немало одржлива математика во тоа за Градот. Нема да има ништо и од стотиците нови автобуси што се ветија како замена за дотраениот возен парк на ЈСП, иако, што е право, уште кога набрзина се ветуваше таа идеја, дури и на сите кои гласаа за сегашната градоначалничка им беше јасно дека се тоа паушални предизборни популистички бесмислици.

Она, пак, што изгледаше како некакво остварливо решение, поддржано од студиите на странските кредитори и домашните стручњаци ангажирани за негова изработка – проектот „Бас рапид транспорт“ – Данела Арсовска го отпиша со, буквално, една и пол реченица на фејсбук. Следуваа и дополнителни штури објаснувања од Градот за стопираниот тендер на ЕБОР. Колку што разбравме, проектот ќе произвел еколошки проблеми, некои водоводни цевки ќе морало да се решаваат, ќе се уништеле розите, грмушките и темјанушките што сега се насадени на трасата на проектот, а и не бил своевремено изгласан од Советот на Градот.

Градоначалничката брзо најави референдум за БРТ, а потоа уште побрзо се откажа и од таа идеја.

Можеби тој проект беше контроверзен, но неговото вакво „рапидно“ укинување е уште поконтроверзно. Нема најави што би го заменило. Всушност, има, ама тие изгледаат уште побесмислено: со парите за изградба на БРТ градоначалничката планира да купи еколошки автобуси кои, од сега за две години, ќе ги возат граѓаните бесплатно по скопските улици. Неважен детаљ е што 70-те милиони евра од веќе потпишаниот кредит од ЕБОР за БРТ не може да се пренаменат, но Арсовска очекува да ги добие тие средства како грантови! Од кого, до кога, колку, како…?!

Добро, де, убаво звучи, што е важно дали е остварливо. Проблемот е одложен за две години. Остварено!

Во меѓувреме прочитав негде дека има иницијатива да се намали градската цена на паркинг-часот во центарот на Скопје, што подразбира покана до сите кои се возат во автомобили уште повеќе да се возат во автомобили. Тоа е контра еколошката и сообраќајната логика на решавањето на градските проблеми во таа област, но ќе се спасат розите и темјанушките. Зад тоа не стои никаква анализа ниту студија, стои потребата да се купи малку време со некоја „позитивна“ вест за граѓаните кои сакаат да возат автомобили.

А и оној готов мост кај хотел „Русија“, во Аеродром, што во визијата (пропадната) на претходниот градоначалник требаше да реши многу од сообаќајните проблеми во тој дел од градот, новата градоначалничка шеговито го прогласи како „мост за ловење риби“. Бидејќи булеварот што треба да се пробива после мостот има нерешени имотно-правни проблеми. Арсовска не смета дека е тоа дел од работите што треба да ги решава во својот мандат.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука