Српски Телеком основа компанија во Северна Македонија

Генералниот директор на компанијата „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, за српските медиуми изјави дека во четвртокот во Скопје започна основање на компанијата „Телеком“ во Северна Македонија, кое ќе се вика Мтел, јави дописникот на МИА од Белград.

Лучиќ посочи дека со работа ќе започне за еден месец, најпрво со нудење услуги за сателитска телевизија, а до крајот на годината, како што изјави, ќе бидат пуштени во употреба услугите на мобилните телефонски услуги и оптичкиот интернет.

„За нас, одлуките донесени на Економскиот форум во Скопје се многу важни, бидејќи ние сме компанија која сака да биде лидер во регионот.

Имавме планови за проширување на пазарите во Северна Македонија и Албанија, плановите постојат од пред три години. Се обидовме да влеземе на албанскиот пазар со купување на Албански Телеком, но на крајот бевме спречени, изјави Лучиќ.

„Причината зошто сум во Скопје е што започна основањето на компанијата Телеком Србија во Северна Македонија и ќе се вика Мтел, како што се викаат нашите компании во Црна Гора и БиХ, посочи Лучиќ.

Тој изјави дека регионалните иницијативи дополнително ги бришат границите за економијата и додаде дека ова е важно за Телеком, кој сака да биде присутен во сите земји во регионот.

Телеком Србија а.д. Белград е српски државен телекомуникациски оператор, основан како акционерско друштво во јуни 1997 година.

Мнозински сопственик на компанијата е Република Србија со 58,11 проценти сопственички удел. Покрај државата, сопственици се и Телеком Србија а.д. Белград со 20 проценти од акциите, граѓаните на Република Србија со 14,95 проценти и вработените и поранешни вработени во Телеком Србија а.д. Белград со 6,94 проценти.