Стапуваат во сила новите рестриктивни мерки, вчера нови 807 заболени

Од денеска стапуваат во сила новите рестриктивни мерки со кои за влез во угостителските објекти и на организирани настани ќе мора да се приложи сертификат за примени вакцини или потврда за прележан Ковид-19 во изминатиот месец и
половина.

Со новите мерки целосно се забранува и одржување настани и работа на угостителските објекти на затворено.

Угостителските објекти мора да имаат редарска служба која ќе врши контрола, а се најавуваат и засилени инспекциски контроли.

Надлежните велат дека мерките се носат со цел да се заштити јавното здравје и да не се доведе државата во ситуација повторно да воведува локдаун и целосно затворање на одредени дејности.

„Секој има право да избере дали ќе се вакцинира или не. Но, државата мора да води грижа за колективното здравје. Ако јас одлучам да не ја примам вакцината и влезам во простор каде има повеќе од 30 луѓе, ризикувам сите останати 29 луѓе да бидат заразени од мене. Грижата на државата е во колективното здравје. Апелирам да се вакцинираме затоа што засега тоа е единствениот начин да ја победиме пандемијата и да се вратиме на нормалниот живот“, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

И додека надлежните апелираат на масовна вакцинација за што поскоро нормализирање на состојбата, вчера во повеќе градови низ државата се одржаа протести против новите рестриктивни мерки.

Според присутните, со новите мерки им се ускратува слободата на граѓаните, се кршат човековите права и се дискриминираат оние граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.

Вчера, Министерството за здравство регистрираше нови 807 случаи од направени 6.980 тестирања.

Најголем број нови случаи вчера беа регистрирани во Скопје, Гостивар и Тетово.

Министерството за здравство информира дека во текот на изминатата недела аплицирани се вкупно 49.569 први дози на вакцини во државата.