Стигнаа 10 илјади вакцини „Астра Зенека“ од Хрватска, најавени уште 20 илјади

– Во текот на вчерашниот ден во земјава пристигнаа 10 илјади вакцини на „Астра Зенека“. Тие од почетокот на следната недела ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови низ земјата, а хрватската Влада донесе уште една одлука да донира дополнителни 20 илјади вакцини кои ќе бидат од производителот „Астра Зенека“ или на производителот „Модерна“ што ќе биде практично прва количина од оваа вакцина која би стигнала во нашата земја, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

На заедничката прес-конференција со хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ, Филипче информира дека разговарале за епидемиолошката ситуација и за мерките. Споделиле, како што рече, некои искуства, видувања, предвидувања, планови за идниот период којшто е пред нас.

-Хрватска се покажа како еден многу добар менаџер во текот на почеток на кризата кога го водеа – претседателствуваа со ЕУ, а тоа беше првата половина на 2020 година кога активираа многу механизми и кога еден навистина хетероген систем во смисла на различни здравствени системи во рамките на ЕУ требаше да одговори унисоно. Во таа смисла, разговаравме и за тоа што би можело и како да биде ситуацијата во есенските месеци и секако организацијата на целокупните процеси во текот на летните месеци, рече Филипче.

Министерот Радман се обрати на македонски јазик и истакна дека со денешната донација од 10.000 дози вакцини, Република Хрватска искажува решителност и подготвеност за конкретна помош на своите најблиски соседи за целиот процес на борбата против коронавирусот да биде што е можно посупешен.

– Сепак, нашиот ангажман не завршува тука. Владата на Релублика Хрватска на вчерашната седница ја донесе одлуката за донирање на дополнителни 20.000 дози вакцини на Северна Македонија, нагласи Радман.

Според него, ефикасното спроведување на вакцинацијата е единствениот излез од пандемијата на Ковид-19, со потребата да се одржи неопходната рамнотежа меѓу постепеното отворање на границите и здравјето на граѓаните.