Столтенберг порача: „Подготвени сме за разговори со Русија!“

LinkSense.mk

НАТО кон крајот на неделава ќе испрати писмен предлог до Кремљ за да „се обиде да најде пат за напредок“ во време на растечки тензии поради трупањето руски војници на границата со Украина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Ќе наведеме дека сме подготвени да седнеме и да разговараме за контролата на вооружувањето, разоружувањето, транспарентноста на воените активности, за механизмите за намалување на ризикот и други прашања кои се однесуваат на европската безбедност, а исто така сме подготвени да ја слушнеме руската загриженост“, рече Столтенберг во изјава за Си-Ен-Ен.

Говорејќи од Брисел, Столтенберг истакна дека „сеуште постои дипломатски излез“ од руско-украинската криза, „но тоа бара Русија да деескалира и да покаже подготвеност со добра волја да се вклучи во политичките разговори со НАТО и нивните сојузници“.

Столтенберг наведе и дека Алијансата нема да распореди сили во Украина.

Борбените единици на НАТО нема да бидат распоредени во Украина, но мора да бидеме сигурни дека нема недоразбирање за нашата подготвеност, нашата посветеност да ги браниме сите сојузници, особено во источниот дел на Алијансата“, изјави тој за американската телевизиска мрежа.

Шефот на НАТО минатата недела објави дека западната воена алијанса наскоро ќе испрати свои писмени предлози до Русија, одговарајќи на безбедносните барања на Москва и ќе предложи сериозни разговори за контрола на вооружувањето и мерки за транспарентност на воените активности и распоредување на проектили.