Стотици бензински пумпи во Германија на работ на банкрот

LinkSense.mk

Никогаш немало толку голема разлика во цената на горивото меѓу Германија и Полска. Затоа германските возачи сè почесто одат по бензин преку граница. И затоа германските бензински пумпи бараат помош од државата, пишува „Дојче веле“.

Горивото на германските бензински пумпи бележи рекордни цени. Возачите мора да користат апликации кои покажуваат каде е најевтиното гориво за да можат овие денови да најдат бензин под 1,80 евра за литар или дизел под 1,60 евра. Често е поскапо – затоа што германските бензински пумпи ги менуваат цените во просек по пет пати на ден.

Но, оние што живеат во близина на источната германска граница со Полска најдоа едноставно решение – само ја преминуваат границата и го полнат резервоарот.

Затоа што, по намалувањето на данокот на додадена вредност, горивата во соседната земја преку ноќ поевтинија за нови десетина центи по литар. Сега бензинот е поевтин од Германија за 60 центи за литар, а дизелот за 45. Кој ќе наполни до врв, заштедува триесетина евра.

Продажбата на гориво во Германија, во подрачјата во близина на полската граница, во јануари падна за околу 50 отсто. Полските бензински пумпи, пак, известуваат дека нивниот промет е зголемен за 50 отсто“, вели загрижено Јирген Цигнер, шеф на Централната асоцијација на сопственици на бензински пумпи.

Како што пренесува „Ди Велт“, околу 300 до 400 бензински пумпи во Германија би можеле да банкротираат поради големата разлика во цената во однос на Полска. Крајниот исток на Германија, кој претходно припаѓаше на ГДР, и онака е најмалку развиен и населен. Таму густината на бензинските пумпи е најмала во целата држава.

Кога нема автомобили што точат, помалку се и оние кои наминуваат во малата продавница на пумпата. А бензинските пумпи заработуваат две третини од приходите не од гориво, туку токму од тие ситници – пијалоци, цигари, води, сокови, сендвичи…

Ди Велт“ наведува дека Здружението на сопственици на централни бензински пумпи им пишало на сојузните министри и локалните политичари, барајќи некаков вид фонд за спас на претежно малите претприемачи кои изнајмуваат и водат бензински пумпи.

Досега не добивме одговор од министерствата“, рече Цигнер.

Бензинските пумпи, вели тој, некако треба да се одржуваат до лето. Тогаш, имено, во Полска истекува привременото намалување на данокот на додадена вредност.