Стравична несреќа во Италија: Се сруши кабина од жичарница, 14 загинати

Најмалку 14 лица, меѓу кои и пет Израелци, загинаа, а двајца се потешко повредени, кога се сруши кабина од жичарница која ги поврзува градот Стресе, на брегот на езерото Маџоре, и планината Мотароне во регионот Пијемонт, на северот на Италија.

Според информациите од службата за спасување, кабината во моментот на падот била на височина од околу 20 метри, пренесе Ројтерс.

Инцидентот се случи вчера попладне, а меѓу преживеаните во прв момент биле две деца, кои со хелихоптер се префрлени во педијатриската болница во Торино, како и еден израелски државјанин, кој е во критична состојба.

Меѓутоа, како што јави Ројтерс, постарото дете, за кое се претпоставува дека имало девет или 10 години, почина после два срцеви удари, известиле од торинската болница.

Директорот на болницата Џовани ла Вале рече дека таа институција немала податоци за примените деца и дека засега никој не се јавил да праша за нив, што укажува на фактот дека останатите членови на семејството можеби биле во срушената кабина, наведува Ројтерс.

Помалото дете, за кое се верува дека има пет години, било свесно при приемот во болницата и веднаш му била направена операција за да се санираат повеќето скршеници, додал Ла Вале.

Премиерот на Италија, Марио Драги, им упати сочувство на семејствата на загинатите.

„Очајни сме, полни со болка“, рече Марчела Северина, градоначалничката на Стресе за РАИ.

Таа додаде дека несреќата се случила при качување на жичарницата на планината – кабината паднала од височина од 20 метри, се превртела неколку пати низ стрмната падина и запрела меѓу дрвата.

Некои од жртвите, според изјава на Северина за ТВ Скај, биле најдени во кабината, а телата на другите биле надвор од неа.

Жичарницата превезува туристи од брегот на езерото Маџоре до врвот на планината Мотаноре, на височина од речиси 1.400 метри, што е и највисоката точка на рутата на жичарницата.

Двонасочниот систем на жичарницата е поделен во две секции – едниот е долг два, а другиот три километри. Секоја од кабините може да прими до 40 луѓе, се додава во текстот на Ројтерс.

Истрагата за несреќата заради недостапноста на теренот каде што се сруши кабината се одвива отежнато.

Постојат сомневања дека кабината паднала затоа што попуштил носечкиот кабел.

Жичарницата е отворена неодамна, на 24 април, откако долго беше затворена поради рестриктивните мерки во борбата против корона вирусот. Таа почна со работа во 1970 година, а темелно беше обновена меѓу 2014 и 2016 година.