На југот на Германија ноќва околу 3.30 часот се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку седум лица, меѓу кои и шестгодишно дете, а станува збор за бегалци кои се наоѓале во комбе кое се обидувало да ја избегне полициската контрола.
Автопатот во правец кон Минхен и Пасау неколку часови беше целосно затворен.
„Во несреќата што се случи во раните утрински часови на автопатот А94, кај Ампфинг, во Баварија, загинаа седум лица, меѓу кои и шестгодишно дете“, соопшти полицијата во Баварија.

Во комбето „мерцедес вито“, кое било регистрирано за најмногу девет лица, во моментот на несреќата имало 23.
Сите се сириски и турски државјани. Како што дополнително соопшти полицијата, возачот е жител на Австрија без државјанство против кого е покрената истрага за убиство.
Возачот на комбето откако ја видел полициската придружба, забрзал и по кратко време изгубил контрола и возилото неколку пати се превртело.
Повеќето од патниците не биле врзани со сигурносни појаси.
Граничните премини меѓу Германија и Австрија се контролираат од мигрантската криза во 2015 година, а контролите се спроведуваат и по влегувањето на германска територија.
Германија од почетокот на годината бележи нагло зголемување на илегалните преминувања на границите и барањата за азил.
Канцелар Олаф Шолц свика кризен состанок за денеска навечер, на кој со опозициската Унија ЦДУ/ЦСУ треба да се разговара за можностите за намалување на илегалниот влез во земјата.
(Фото: Имаго/Профимедиа)







