Судир на англиските титани: Сити – Ливерпул во големото дерби во Премиер лигата

LinkSense.mk

Џејми Карагер го нарече најголемото ривалство во историјата на Премиер лигата. Навивачите и неутралните љубители на фудбалот со таа констатација на легендарниот Англичанец нема да се согласат, но потребата на Карагер за сензационализам и внимание, секако, нема да ги намали нестрпливоста и исчекувањето стрелките на часовникот во недела да покаже во 17.30 кога судијата Ентони Тејлор на „Етихад“ ќе дувне во свирчето и ќе го означи почетокот на дербито помеѓу Манчестер Сити и Ливерпул.

Влогот на мегданот на островските гиганти, можеби е и титулата, иако до крајот и двете екипи имаат по уште седум средби, не сметајќи го претстојниот. Првопласираниот Сити го пречекува вториот на табелата со предност од еден бод, а Ливерпул е во страшна серија од десет последователни победи во Премиер лигата. Значи, сите знаци за вистински спектакл се тука.

Меѓу факторите на спектаклот се вбројуваат и двајцата кои ќе стојат покрај теренот и ќе им даваат инструкции на фудбалерите – Пеп Гвардиола и Јирген Клоп, тренери кои станаа синоним за ова ривалство. Од доаѓањето на Шпанецот на островот во 2016 година, „граѓаните“ и „црвените“ одиграа 11 премиерлигашки дуели и изедначени влегуваат во овој утрешниот, бидејќи и двајцата имаат по четири победи и три нерешени.

Ајде да ги погледнеме сите можни исходи: ако победиме, ќе одиме на два бода предност. Ако загубиме, ќе бидеме на минус четири. Со реми се останува како што е. И тогаш како може некој да мисли дека се ќе се реши во недела? Навистина е многу важен натпревар, но би бил исто така голем и важен и да имавме 15 поени помалку“, Клоп во свој стил ја спушти топката.

И Пеп настапи слично на конференцијата за медиумите.

Големи три бода се во игра, но до крајот има уште седум натпревари, како и Лигата на шампионите, ФА Купот. Немам грижи, спијам како бебе, едвај чекам да почне натпреварот. Единствениот проблем е што Премиер лигата ни закажа натпревар во времето кога настапува Тајгер Вудс.

Салах е највреден

Парите можеби не играат фудбал, но на овој натпревар ќе ги има во изобилство. Заедничката вредност на двата тима е 1,859 милијарди евра (Сити 959,3 милиони, Ливерпул 900,5).

Кога се во прашање најскапите поединци, колото го предводи асот на „црвените“, Мохамед Салах (100 милиони), додека зад него е тандемот „граѓани“ составен од Кевин Де Брујне и Фил Фоден (90).