Суецката драма се ближи кон крајот!?

Огромниот брод, носач на контејнери, и понатаму е заглавен во Суецкиот канал, но тимовите што работат на негово придвижување успеале да го поместат и вода почнала да тече под него, известува Би-Би-Си.

Претставниците на компанијата која управува со каналот велат дека е постигнат одреден успех и полагаат извесна надеж дека товарниот брод би можел да исплови до недела навечер.

Бродот „Евер Гивен“ е насукан од вторникот на едно од најпрометните трговски поморски патишта. Моментно околу 300 бродови чекаат на двете страни од каналот да поминат, додека некои веќе одлучија да тргнат на двонеделно подолго патување, на заобиколување на африканскиот Р’т на добра надеж.

Вчера околу 20.000 тони песок беа ископани околу „Евер Гивен“ и 14 влекачи почнаа да го поместуваат бродот во обид да го ослободат.

Иако силната плима и силниот ветер ги попречуваат напорите, оската на бродот е поместена за 30 степени што дава зрак надеж дека наскоро работата ќе биде завршена.

Генералот Осама Рабие, управник на Суецкиот канал, рече дека водата почнала да тече под бродот.

Очекуваме дека во секој момент бродот може да се придвижи и да ја промени својата моментна положба“, им изјави генералот Рабие на новинарите, додавајќи дека се надевадека нема да биде потребно да се преминува во друга фаза, што би одзело многу време, за да се преместат 18.300 бродски контејнери заради намалување на тежината на бродот.

Според првите извештаи, бродот, долг 400 метри и тежок 200.000 тони, заринка поради песочната бура и силниот ветер којшто влијаеше на видливоста, но Рабие вели дека временските услови не можат да бидат пречка за насукувањето, и дека во случајов станува збор за техниќка или човечка грешка, што дополнително ќе биде утврдено со истрагата.

Со бродот „Евер Гивен“ управува тајванската компанија „Евергрин Марине“, а е во сопственост на јапонската „Шоеи Кисен“.

Јукито Хигаки, претседателот на компанијата „Шоеи Кисен“, во петокот изјави дека се чини оти бродот не е оштетен.

Околу 12 отсто од светската трговија минува нив 193 километри долгиот канал кој ги поврзува Средоземното и Црвеното море и кој е најкраток пат од Европа до Азија.

Според податоците што ги објави „Лојд“, блокадата на каналот секој час спречува проток на стоки вредни 400 милиони долари.

(Фото: АП)