Специјалното јавно обвинителство (СЈО) вчера го објави четвртиот шестмесечен извештај за работата на обвинителството, кој се разликува од претходните три по поднесените обвиненија за повеќето истражни постапки.
Како што јавува МИА, во извештајот се истакнува дека поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и преземени се истражни дејства спрема 4 правни лица.
„Несомнено дека поднесувањето на овие обвиненија претставува само еден чекор поблиску до исполнување на мандатот што му е доделен на специјалното јавно обвинителство во интерес на граѓаните на Република Македонија.
„Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела што им се ставаат на товар со поднесените обвиненија, се вели во извештајот на специјалната обвинителка Катица Јанева.
СЈО наведува дека досега е анализирана содржината на 424.589 аудиофајла, односно во обработка се 70 отсто од вкупниот број аудиофајлови со кои располага ова јавно обвинителство, при што изработени се 1.039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индикација дека е сторено кривично дело.
Јанева во извештајот изразува уверување дека во претстојниот период, а во што е можно пократок рок, ќе се најде соодветно законско решение со кое ќе се регулира правната положба на специјалното јавно обвинителство во смисла на обезбедување законски механизми и отстранување на сите пречки за да му се овозможи на обвинителството докрај да ги истражи кривичните дела што се во негова надлежност.







