„Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“… нови случаи на СЈО

Специјалното јавно обвинителство отвори четири нови истраги, „Табла“, „Триста“, „Тотал“ и „Тифани“, против четири лица.

Една истрага е за злоупотреба на службена положба на директор на училиште, една е за набавки во МВР и две се за даночни затајувања.

Вкупната направена штета во случаиве досега изнесува 892.574 евра.

За четворицата осомничените во овие истраги не се побарани мерки за обезбедување присуство.

Првиот предмет „Табла“ се однесува на злоупотреба направена од страна на директорот на ОУ „Реџо Ружит Зајази“ од село Зајас во 2006 година.

Без постапка за јавна набавка осомничениот на фирма од Кичево и овозможнил противправна имотна корист од 200.000 евра.

Постои основано сомнение, истакна специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, образложувајќи го случајот, дека директорот без спроведена постапка за јавна набавка и спротивно на задолженијата дадени од Министерството за образование и наука, склучил договор за изградба на нов училиштен објект во село Горно Строгомиште, Општина Кичево, за износ од 200.000 евра.

Во случајот со кодно име „Триста“, помошник-министер во Министерството за внатрешни работи е осомничен за злоупотреба на службена должност поради јавна набавка на 300 возила за потребите на министерството.

Според обвинителката Фетаи, тој се сомничи дека незаконски направил договори за купопродажба и одржување возила со неколку автомобилски компании и на тој начин го оштетил буџетот за 453.570 евра.

Осомничениот функционер во МВР склучил договори „Порше Македонија“, „Ка-Дис“, „Бохемија автомобили Роус“, „Колевски“ и „Авто куќа“, иако понудите што ги дале овие економски оператори не биле утврдени како економски најповолни понуди, што било единствен критериум за доделување договор за јавна набавка“, изјави Фетаи.

„Тотал“ е третата истрага во која постои основано сомнение за даночно затајување од страна на сопственикот на „Тотал маркетинг агенција“, „Тотал маркетин“ ДООЕЛ Скопје, „Медија макс“ и сопственик на „Тотал медија центар“ Скопје.

Од доказниот материјал произлегло, напомена Фетаи, дека меѓу 2008 и 2015 година сопственикот на четирите маркетиншки компании давајќи лажни податоци, направил фирмите и тој како поединец да не платат данок во износ од 121.414, односно 63.032 евра.

Осомничениот, според СЈО, преку фирмите вршел набавки за негови лични потреби како душеци, рачен часовник, мебел, персиски теписи, кујнски садови …

И четвртиот случај наречен „Тифани“ се однесува сторено за даночно затајување.

Осомничена е сопственичката и управител на Друштвото за комуникации и консалтинг „Смарт центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје“ и на агенцијата „Смарт“.

Наводно, меѓу 2008 и 2014 година со дадени лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави, „Смарт центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје“ и агенцијата „Смарт“ не платиле данок од 37.634 евра, а пак осомничената затаила 16.924 евра.

„Осомничената ги користела како параван правните субјекти и за себе купувала долна облека во вредност од по 500 евра, здолништа и чанти во вредност за 33.508 евра, очила, шминка, мебел, велосипеди, сигурносни врати…“, информираше Фетаи.

Во наредните денови, според најавите на СЈО, ќе биде поднесен обвинителен акт за предметот познат како „Транспортер“ во кој првоосомничен е градоначалникот на Битола, Владимир Талески.