Францускиот трговски ланец на продавници „Керфур“ ќе престане да продава производи на „Пепси“ во Франција, наведувајќи ги како причина „неприфатливите поскапувања“, јавува Би-Би-Си.
Супермаркетите вчера почнаа да објавуваат знаци низ продавниците за да ги информираат клиентите за одлуката, која покрај соковите на „Пепси“ вклучува и производи како што се „Доритос“ и „Квакер житарки“.
Запира и продажбата на чиповите „Леј“, како што пренесува агенцијата Ројтерс.
Ројтерс, исто така, јави дека од вчера на полиците за производите на „ПепсиКо“ во „Керфур“ во Франција, но, според агенцијата, и во Италија, Шпанија и Белгија, ќе има натписи кои јасно ќе дадат до знаење дека продавницата повеќе нема да ги нуди производите од таа трговска марка „заради неприфатливите поскапувања“, изјави портпаролот на францускиот трговски гигант.
Портпаролот потврди дека клиентите сепак ќе можат да купат производи на „Пепси“, но само оние кои моментално се на полиците.
„Со месеци разговаравме со ‘Керфур’ и ќе продолжиме да се ангажираме со добра волја да се обидеме да направиме нешто, нашите производи пак да бидат се достапни“, се вели во соопштението на „ПепсиКо“.
„Пепси“ во последните неколку години ги зголеми цените на производите, укажувајќи на зголемени трошоци. Во октомври беше соопштено дека повторно се очекуваат дополнителни покачувања во 2024 година.
Компанијата беше обвинета и за намалување на големината на производите без намалување на нивната цена.
„Керфур“, втор по големина француски ланец со мешовити стоки, беше еден од најистакнатите трговци што се противеше на таа практика.
Во септември беше објавено дека ставаат знаци „смалување“ (shrinkflation) на одредени производи, вклучувајќи го и ледениот чај „Липтон“, кој е еден од брендовите на „Пепси“.
Франција моментално се бори со цените на храната кои постојано растат, а последниот извештај на владината агенција за статистика проценува дека цените на храната пораснале за 7,1 отсто во текот на декември во споредба со претходната година.
Францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер, минатата година ги поттикна големите прехранбени компании да ги намалат цените, заканувајќи се со посебни даноци на „неоправдан“ профит.
Ваков јавен спор околу цените секако е необичен, но веќе претходно се забележани неколку слични случаи низ светот.
На пример, германските трговски ланци „Едека“ и „Реве“, исто така, престанаа да продаваат одредени производи на „Марс“, наведувајќи како причина неоправдано поскапување.