Талибанците немилосрдни: Смрт за американските соработници

Талибанците осудија на смрт брат на еден авганистански преведувач кој работел со американските трупи, обвинувајќи го дека им помага на Соединетите Американски Држави и дека го штити братот.

Бунтовниците му испратиле три писма на обвинетиот и тие претставуваат доказ за тоа како Талибанците директно се закануваат на Авганистанците кои работеле со Американците, пишува Си-Ен-Ен.

Обвинети сте дека сте им помагале на Американците. Обвинети сте и дека го штитите својот брат, кој бил преведувач“, пишува во писмото кое е напишано на рака.

Талибанците во второто писмо, исто така напишано на рака, го известиле обвинетиот дека не се појавил на рочиштето, додека во третото, кое било отчукано на машина, го информираат обвинетиот дека, затоа што ги отфрлил претходните предупредувања да запре со „служењето на крсташките војници кои извршиле инвазија на нивната земја“, и го игнорирал повикот за рочиште, се прогласува за виновен во отсуство и дека ќе биде осуден на смрт.

Си-Ен-Ен не го идентификуваше авганистанскиот државјанин, ниту неговиот брат, за да го заштити нивниот идентитет, а печатите на овие писма во целост се идентични со печатите од архивските писма на Талибанците.

Овие судски одлуки се конечни и извршни без право на приговор. Го избравте овој пат за себе, се наведува во третото писмо.“

Писмата се во спротивност со уверувањата кои талибанскиот портпарол, Забидула Муџахид, ги даде на конференцијата за новинарите минатата недела, кога Талибанците издадоа наредба за општа амнестија за сите членови на авганистанската влада, вклучувајќи го и претседателот Ашраф Гани, кој побегна од државата.

Во Авганистан никој нема да биде оштетен. Се разбира постои огромна разлика меѓу нас сега и пред 20 години“, рече Муџахид.

Америка се сомнева во ова ветување, а овие писма како и бројните извештаи за Талибанците кои бараат одмазда се доволна причина да се разбере стравот на многумина Авганистанци.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден се најде под притисок да ги евакуира не само Авганистанците со посебна имигрантска виза, туку и други загрозени државјани на таа земја кои се плашат за своите животи.

Во меѓувреме, припадници на американската војска работат на сузбивање на нередот на меѓународниот аеродром во Кабул.