Тензично во Отава: Полицијата апси насилни и „непредвидливи“ демонстранти

LinkSense.mk

Протестотот на возачите на камиони против задолжителната вакцинација во канадската престолнина, кој трае речиси две недели, станува се потензичен. Полицијата во Отава предупредува за „непредвидливи“ и „одлучни демонстранти, додавајќи дека во четвртина од возилата што го сочинуваат таканаречениот Конвојот на слободата се наоѓаат деца, кои би можеле да бидат загрозени при евентуални поголеми полициски дејствија.

Досега се отворени околу 80 истраги за можни кривични дела, а уапсени се повеќе од 20 демонстранти (од вкупно околу 1.000). Иако поголемиот дел од протестот беше мирен, од полицијата велат дека се загрижени поради екстремистичката реторика која доаѓа од крајно десничарските групи присутни на протестот. Покрај расистичките и хомофобични навреди, дел од демонстрантите истакнаа нацистички симболи и танцуваа на гробот на непознатиот војник на Националниот воен споменик.

Со околу 20 апсења, полицијата изрече низа казни и се обиде да ги предупреди демонстрантите да се држат настрана од одредени локации каде што го попречуваат сообраќајот, а некои демонстранти одбија да ги слушаат. Полицијата вели дека добиле и лажна закана за бомба, која, според нив, имала за цел „да им го одвлече вниманието на полицајците и да ги збуни“, пренесува Би-Би-Си.

Дополнителна нервоза кај граѓаните на Отава предизвикува постојаното трубање на камионџиите. Но, вчера судот им забрани да трубат во времетраење од 10 дена.

Еден полицаец, наведува истиот медиум, бил нападнат додека учествувал во акција за одземање гориво. Заменик началникот на полицијата, Стив Бол, на вчерашната прес-конференција рече: „Нашата порака до демонстрантите останува иста: Не доаѓајте. Ако дојдете, ќе има последици“.

Бол, на истата прес-конференција, рече дека пронашле околу 100 камиони во кои се наоѓаат деца и дека контактирале со агенциите за заштита на децата, заради загриженоста околу бучавата, издувните гасови и незадоволителното ниво на хигиена.

На околу 1.190 километри од Отава, демонстрантите го блокираа најфреквентниот граничен премин меѓу САД и Канада, принудувајќи ги патниците да одат по обиколните патишта. Преминот во меѓувреме е делумно отворен.

Низ преминот преку реката Детроит секој ден поминуваат околу 40.000 луѓе и стоки во вредност од 323 милиони долари. Преминот беше блокиран неколку часа набргу откако канадскиот премиер Џастин Трудо во парламентот ги обвини демонстрантите дека се обидуваат да ја „блокираат економијата“.

Сакам да бидам целосно јасен – нема да бидеме заплашени од оние кои ги навредуваат и понижуваат малите бизнисмени и занаетчии и крадат храна од бездомниците“, рече вчера Трудо пред пратениците на вонредната седница на канадскиот парламент.

Нема да попуштиме пред оние кои веат расистички знамиња ниту на вандалите кои го сквернават споменот на нашите воени херои“, додаде канадскиот премиер.

Градоначалникот на Отава, Џим Вотсон, да потсетиме, во неделата прогласи вонредна состојба во главниот град, велејќи дека протестот е „надвор од контрола“. Од федералната влада тој побара да испрати дополнителни 1.800 полицајци и преговарачи за „да стави крај на опсадата“.

Трудо вети дека во Отава ќе испрати „се што ќе побара градот“, но не објасни и не наведе за што точно може да се работи. Минатата недела тој ја отфрли можноста за испраќање војници во престолнината, наведува Би-Би-Си.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)