Титовите следбеници во Кочани го одбележаа 29 Ноември – Денот на формирањето на социјалистичка Југославија

LinkSense.mk

Членовите на граѓанското здружение „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска излегоа низ градските улици со знамиња на поранешната социјалистичка Југославија, фотографии на нејзиниот претседател Тито и униформи од југословенската народна армија.

Со краток собир пред седиштето на Здружението во градскиот пазар и со автомобилско дефиле го одбележаа 29 Ноември – Денот на формирањето на социјалистичка Југославија. Притоа нагласија дека овој датум има големо значење и за постоењето на денешната македонска држава.

-Сакаме да ги потсетиме граѓаните на овој светол датум, на кој за првпат Македонија е признаена како посебна државна единица, со нејзиното уставно име, а во состав на социјалистичка федеративна Југославија. Ние, вистинските Југословени, никогаш нема да заборавиме дека пред 79 години на заседанието во босанското гратче Јајце, иако немало македонски престставници, а по предлог на маршалот Тито конечно сме добиле своја држава. Сакаме да упатиме критика за властите, не само кај нас, туку и во сите поранешни југословенски републики, затоа што без да го прашаат народот, го избришаа овој датум од историските читанки, истакна Ѓорѓи Николов, секретар на здружението „Јосип Броз Тито“.

Поради почитувањето на протоколите за здравствена заштита, кочанските титовисти и годинава го откажаа традиционалното дружење и свеченоста со историски час, на која вообичаено правеа потсетување за важноста на денешниот ден.

ИЗВОР: МИА