Тифа и Ален најавија спектакуларен концерт на „Дугме“ во Скопје

Ален Исламовиќ и Младен Војичиќ- Тифа, пејачи на легендарната рок-група „Бијело дугме“, на денешната средба со новинарите најавија спектакуларен концерт во Скопје и рекоа дека Скопје ќе го има истиот третман како Белград.

Концертот е во организација на „Авалон“.

Оваа најпозната југословенска рок-група, која постоеше во периодот од 1973 до 1989 година, со лидер и единствен постојан член Горан Бреговиќ, се уште привлекува големо медиумско внимание. Во рамки на „турнејата без грижи“ групата одржа концерти во 30 градови на Балканот.

„Селма“, „Липе цвату“, „Лажеш злато, лажеш душо“, „Битанга и принцеза“, „Ружица си била“, „Ѓургевдан“… , и уште многу други композиции многубројните фанови в сабота ќе имаат можност повторно да ги слушнат.

Ален Исламовиќ е сигурен во добра атмосфера на концертот.

„Концертот ќе мине добро. Слушнав дека ќе има публика од целиот регион. Посетителите ќе уживаат во песните на „Дугме“ што ги отпеа Жељко Бебек, хитовите снимени со Тифа и оние од последните албуми каде што пејам јас“ – истакна Исламовиќ.

Младен Војичиќ – Тифа, посочи дека во Македонија, како и секогаш кога доаѓа, ја чувствува истата онаа љубов и почит кон се што е добро, и мило му е што песните на групата која остави многу хитови, кои се актуелни и по 40 години, се уште со задоволство се слушани секаде каде што настапуваат.

„Јас во групата дојдов по Жељко Бебек, се задржав две и пол години и во тој период направивме еден албум, но на бендот му дадов свежа крв. „Дугме“ ми даде слава и препознатливост кај 24 милиони луѓе, колку што имаше тогашната Југославија“, рече Тифа.

Во сабота „Бијело дугме“ ќе одржи концерт во ВИП арената „Борис Трајковски“, со 40-тина музичари, гудачки, дувачки и тамбурашки оркестар и хор, а ќе бидат изведенувани сите стари хитови на групата, но со нови аражмани, направени специјално за оваа пригода.