Една жена загина, а две жени се повредени кога врз нив вчеравечер во белгискиот град Уденарде, на околу 50 килетри западно од Брисел, падна голема елка.
Дрвото не го издржало силниот налет на ветерот, јави белгиската новинска агенција „Белга“.
Безбедносните камери поставени недалеку од дрвото го снимиле падот на осветлениот 20 метри висок бор на Божиќниот пазар.
Портпаролот на покраината Ост-Влаандерен изјави дека при падот на Божиќното дрво смртно настрадала 63-годишна жена од Уденарде.
И двете повредени жени потекнуваат од истиот град.
„Истражителите ќе се обидат да утврдат дали дрвото било прицврстено на правилен начин и дали временските услови ја предизвикале несреќата“, рече портпаролот.
Откако пред неколку денови го прекина сообраќајот во Велика Британија и Холандија, бурата Пиа вчера пристигна во западна Белгија.
Метеоролозите, поради ова, издадоа жолт аларм за крајбрежните делови од земјата.
(Фото: Скриншот / „Х“ – Твитер)