Традиционална бадникова прослава на 6 јануари пред Соборниот храм во Скопје

LinkSense.mk

Традиционалната бадникова прослава годинава 26. пат ќе се одржува на 6 јануари на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.

Како и секоја година, прославата ќе почне со химната што во живо ќе ја испее „Силви бенд“ и со кревање на бадниковото знаме на јарболот до знамето на Македонската православна црква и на Република Македонија. Потоа ќе следува осветувањето на гранчињата, нафората, топлата ракија и чајот од страна на свештенослужители на Соборниот храм, а потоа и делење од страна на членови на одборот за прослава.

Делегација на одборот заедно со кумот за Бадник 2018 ќе се упати кон Домот за стари лица во Злокуќани со пригодни подароци и со осветени гранчиња и топла ракија и чај.

Присутните граѓани пред Соборниот храм ќе имаат можност да ги пречекаат стариот кум Радко Манов со преодниот пехар, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, новиот кум Влатко Огненовски со погачата со златна паричка, и здравичарот Стефан Хаџиниколов, кои ќе се упатат во храмот, каде што ќе се одржи свечен чин на осветување и кршење на погачата од страна на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, кој во таа пригода ќе одржи и традиционална беседа. Прославата ќе продолжи со настап на естрадни уметници.