Трамп во свој стил: „Би имал подобро место од Бајден на погребот на кралицата“

LinkSense.mk

На погребот на кралицата Елизабета Втора, кој се одржа вчера во Лондон, присуствуваа бројни светски лидери, меѓу кои беше и американскиот претседател Џо Бајден, како и првата дама на САД, Џил Бајден.

Поранешниот претседател Доналд Трамп го обвини Бајден дека го уништува угледот на земјата на меѓународна сцена и изјави дека тој сигурно би имал многу подобро место на погребот од сегашниот претседател.

Трамп не беше поканет на погребот.

Џо и Џил Бајден пристигнаа на погребот малку подоцна од очекуваното поради метеж во сообраќајот. Дојдоа со оклопно возило познато како „Ѕвер“. На повеќето светски лидери им било забрането да користат приватни возила, а наместо тоа на погребот морале да одат со автобус, додека за американскиот претседател и првата дама бил направен исклучок.

Сопружниците Бајден пристигнаа десетина минути откако останатите странски државници седнаа и како резултат на тоа добија места во 14-тиот ред. Двојката седна до претседателот на Швајцарија и меѓу претседателот на Полска и премиерот на Чешка.

Меѓутоа, Трамп инсистираше на тоа дека местото на Бајден на погребот е резултат на тоа што Обединетото Кралство има помала „почит“ за САД поради неговото претседателствување. Додека вчера ги даваше првите јавни коментари за погребот, во изјава за медиумите, поранешниот претседател тврдеше дека ако тој беше на погребот наместо Бајден, никогаш немаше да седне „таму позади“. Додаде и дека Бајден е ставен покрај лидерите на земјите од Третиот свет.

„Ова е тоа што и се случи на Америка за само две кратки години“, напиша Трамп до фотографијата на Бајден како седи.

„Без почит! Меѓутоа, добар момент за нашиот претседател да ги запознае со лидерите на одредени земји од ‘Третиот свет’. Да бев јас претседател, немаше да ме стават таму – и нашата земја ќе беше многу поразлична од она што е сега!“

На крајот Трамп додаде:

„Во недвижностите, како и во политиката и во животот, локацијата е се!“.

 

 

 

 

 

(Фото: АП)