Американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека ги укинува санкциите за Турција откако беше објавено дека се прекинува офанзивата врз сириските Курди, пренесуваат светските медиуми.
„Други нека се борат околу тој крвав песок. Санкциите повторно ќе бидат воведени , ако се случи нешто од кое нема да бидеме задоволни“, изјавил Трамп.
Оваа информација доаѓа откако Русија и Турција се договорија да бидат гаранти за примирјето долж сириската граница, каде што се распоредени руски воени трупи, пренесува Би-Би-Си.
Трамп нагласил и тоа дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го уверил дека ќе прекинат борбите во регионот, како и тоа дека неодамна постигнатиот договор за прекин на огнот ќе биде траен.
Соединетите Американски Држави минатата недела воведоа санции како одговор на неодамнешната офанзива на Турција против курдските борци кои турските власти ги сметаат за терористи, а кои беа главни американски сојузници во борбата против Исламска држава.







