Доналд Трамп во својата предизборна кампања ја искористи моќта на интернетот и социјалните мрежи што, меѓу останатото, го довело до победа, а најзаслужен за тоа е маркетиншкиот и интернет експерт Бред Парскал.
Според некои податоци, Хилари Клинтон на работата со интернет ресурсите потрошила 3,1 милиони долари, а Трамп, кој многумина го сметаа за аутсајдер, речиси пет пати повеќе – 14,2 милиони долари.
Американски медиуми пренесуваат дека јавноста речиси и дека незнае дека зад триумфот стои „човекот од сенка“ Парскал, маркетиншкиот стратег од Сан Антонио кој ги водел дигиталните сили во кампањата во „Проектот Аламо“.
Четириесетгодишниот Парскал се подигнал од ниските слоеви на општеството и се нашол во опкружувањето на Трамп откако покажал спремност да му служи на интересите на неговото семејство.
Во тимот на Трамп влегол пред шест години, кога му било понудено да направи сајт за компанијата „Трамп интернешенел риалити“.
Договорот бил направен за, како што сметале водечките луѓе на компанијата на Трамп, „мизерни“ 10.000 долари, но таа работа и работите што следеле потоа му овозможиле на Парскал да отвори своја агенција и да заработи милиони долари.
Заедно со Парскал, на осмислувањето на дигиталната операција и подготовката на теренот работел и зетот на Трамп, Џеред Кушнер, кој дискретно му стана еден од најблиските советници.
Кушнер во амбициозната дигитална операција „Проект Аламо“ вклучил и луѓе од Силиконската долина – тивки приврзаници на Трамп и експерти за дигитален маркетинг.
Некои американски медиуми дури на Кушнер му ги припишуваат заслугите за дигиталната операција која на Трамп му помогна да ги добие изборите, а наводно тој го подготвил теренот за големата акција за собирање на пари и на социјалните мрежи.
Парскал сето ова го спровел на дело.
Тој корисниците на Фејсбук и интернет ги „бомбардирал“ со соопштенија и правел бази на податоци.
Непосредно пред изборите сметал дека ќе имаат од 12 до 14 милиони адреси од електронски пошти и други информации, вклучувајќи и податоци од кредитни картички од луѓе, кои давале помали донации за претседателската кампања на републиканецот.
Кога во јуни тимот на Трамп ги испратил првите мејлови на луѓето, повеќето од тие писма завршиле како „спам“.
Но, и покрај тоа, за првите две недели биле собрани 40 милиони долари.
Според некои извештаи, тимот на Трамп, кој имал повеќе од 100 луѓе, неделно трошел по 100 илјади долари на истражувања на јавното мислење и на разни анкети, чии резултати упорно покажуваа едно исто – Трамп ќе загуби од Клинтон.
За разлика од класичните истражувања на јавното мислење, „дигиталниот гуру’ резултатите ги добивал многу брзо и имал јасна слика за тоа на кои избирачи треба да ги насочат своите напори.
Дури 13,5 милиони избирачи во 16 американски држави биле во категоријата „неопределени“, но се укажувало на тоа дека постои можност да се придобијат.
Соработниците на Трамп, меѓу нив имало од оние кои работеле на „Брегзит“ во Лондон на страната на евроскептиците, тврделе дека биле во можност да ги изолираат оние избирачи кои не сакаат да го поддржат Трамп и поради тоа одбиле да учествуваат во анкетите.
Исто така, тимот на Транп направил специјален програм „Battleground Optimizer Path To Victory“ за непрестано да ја следи состојбата во државата и податоците кои се од пресудна важност за добивање на победничките 270 електорски гласови.
Тие работеле на тоа оние кои се наклонуваат кон Трамп да се претворат во силна поддршка на републиканскиот кандидат, а во исто време настокувале да ги обесхрабрат приврзаниците на Хилари Клинтон.
На удар биле три групи од потенцијалното изборно тело на Клинтон: белите (либерали и идеалисти), младите жени и Афроамериканците.
На првите требало да влијае скандалот со мејловите на Клинтон, на другите – жените кои го обвинуваа Бил Клинтон за сексуалното вознемирување, а на третите – изјавите на Хилари Клинтон од 1996 година кога ги навредуваше
Афроамериканците, нарекувајќи ги со погрдни имиња.
Сепак, тимот најде начин како на Фејсбук да им се приближи на приврзаниците на Трамп и да не им дозволи да го сменат мислењето.
Вложиле два милиони долари во реклами на Фејсбук, а за добивање на аналитичките податоци користеле „Brand lift“, со чија помош се оценувал ефектот од рекламната стратегија и следеле кој реагира на спотовите на Трамп, или кој му дава поддршка.
Можеле да ги одредат полот, возраста и другите карактеристики на публиката.
Трамп победи, а Парскал доби признание како еден од најдобрите во својот занает.
„Мене секогаш ме изненадуваше зошто политичарите кон технологијата се однесуваат како кон нешто мистично, кога тоа се само обични инструменти кои се користат и во комерцијални сфери“, изјавил Парскал, човекот кој го одведе Трамп до победата.