Трамп подготвува нова забрана за влез во Америка

Американскиот претседател Доналд Трамп ја разгледува можноста да издаде нова извршна уредба за забрана на лица од одделни земји да влезат во САД, откако федералниот апелациски суд донесе одлука за суспензија на неговата забрана за влез на државјани од седум, главно муслимански, земји.

Трамп најави можност да издаде „нова уредба“ веќе во понеделник или вторник, не прецизирајќи за каква врста на забрана за патување би можело да стане збор.

Рајнс Прибус, шеф во Белата куќа, им изјави на новинарите доцна синоќа дека останува можноста случајот да биде изнесен и пред Врховниот суд.

Трамп со уредба, која ја нарече национална безбедносна мерка за спречување од напади на исламските екстремисти, се обиде да забрани влез на државјани од Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Јемен и Сирија на 90 дена, а на бегалци од Сирија на неодреден временски период.