Трам му нуди помош на Пакистан

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп понуди помош во решавање на проблемите на Пакистан, а премиерот на таа земја Наваз Шариф го нарече „сјајно момче“, соопштија денес од пакистанската влада.

Трамп тоа го рекол во првиот телефонски разговор со Шариф кој го повикал за да му честита на изборната победа.

Наваз Шариф, премиер на Пакистан
Наваз Шариф, премиер на Пакистан

Како што се наведува во соопштението, Трамп рекол дека Шариф има „многу добра репутација“.

„Вие сте сјајно момче. Тоа што го работите е извонредно и секојдневно видливо. Се радувам на скорешната средба.

Додека разговарам со вас премиеру, имам чувство дека разговарам со личност која долго ја познавам“, рекол Трамп, пренесуваат агенциите.

Трамп навел дека Пакистан е исклучително добра земја со многу можности и дека Пакистанците се еден од најинтелигентните народи и понудил помош во решавање на проблемите на таа земја.

Тој додал дека сака да го посети Пакистан, „фантастичната земја со фантастичните луѓе“.

Агенцијата АФП потсетува дека Трамп немал секогаш добри коментари кон Пакистан.

Во јануари 2012 година на Твитер објави: „Да бидеме на чисто – Пакистан не е наш пријател. Им даваме милијарди и милијарди долари и што добивме од нив? Предавство и непочитување“.

Пакистан многу зависи од американска помош и во оваа година би требало да добие околу милијарда долари помош за развој на стопанството и безбедноста.