Трансмет, Силекс неметали и Вато под лупа на СЈО

Специјалното јавно обвинителство објави нова финансиска истрага. Оваа, насловена „Труст“, се  однесува на добивање тендер за ископ на јаловина и јаглен во Суводол со фалсификувани документи.

Висината на направената штета во случајов се проценува на над 17 милиони евра.

Предметот е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година. Опфатени се управителите на Трансмет, Силекс неметали и Вато Доо Студеничани, кои за учество на тендер објавен на 7 октомври 2011 година, како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, доставиле невистинита документација за сопственост на механизација.

Фетаи рече дека постои основано сомнение дека тие заради изигрување на постапката за доделување договор кон пријавата за учество во тендерот во првата фаза доставиле невистинита документација за сопственост на механизација и кадровска екипираност, што е казнива по член 275 в, од Кривичниот законик.

„Комисијата за јавна набавка и стручната комисија, врз основа на целокупната невистинита документација, оцениле дека конзорциумот ги исполнува условите и по извршеното бодирање на економските оператори, Комисијата за јавна набавка изготвила извештај за избор на квалификувани кандидати во втората фаза од постапката и одговорното лице од АД ЕЛЕМ Скопје донел одлука со која конзорциумот Трансмет и Силекс Неметали е избран за квалификуван кандидат во втората фаза од постапката, изјави Фетаи. Потоа АД Елем Скопје донел одлука за најповолен изведувач и склучил договор помеѓу АД Електрани Скопје и Трансмет ДОО од Скопје како изврпшител.“

На денешната прес-конференција Катица Јанева посочи дека е проширена истрагата за предметот „Титаник“ за 17 лица и за повеќе кривични дела и оти има и финансиски импликации. Петмина од нив, наведе, се осомничени како создатели на групата и се функционери од власта, додека останатите, кои се вработени во државни институции, биле членови на групата.

„Се работи за кривичните дела „злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања од член 165-а, повреда на избирачко право, повреда на слобода на определување на избирачите, злоупотреба на службена положба и овластаување и злосторничко здружување. Голем дел од дејствијата кои се преземаа во рамки на другите постапки беа и дејствија со кои се испитуваше и законитоста на финансирањето на изборната кампања“, појасни Ленче Ристеска.

Идентитет на лицата јавните обвинители не го соопштија.

Специјалното јавно обвинителство досега покрена истраги за случаите „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Тарифа“ и „Тенк“.