Тропската бура Хенри стигна до североисточниот брег на САД: Издадено предупредување за урагани и поплави

Тропската бура Хенри вчера стигна до североисточниот брег на САД, погодувајќи го со пороен дожд и силен ветер.

Националниот центар за урагани (НХЦ) објави дека бурата го погодила брегот во близина на градот Вестерли во сојузната држава Род Ајленд, а ветрот достигнал брзина од околу 95 километри на час.

Гувернерот на Род Ајленд, Ден Мекки, изјави дека утрово очекува „сериозни последици од силните ветрови, прекин на електричната енергија и поплави“.

Предупредување за ураган е издадено за Лонг Ајленд, Род Ајленд и Конектикат.

За повеќе од 35 милиони луѓе е издадено предупредување за поплави. НХЦ во саботата го прогласи Хенри за ураган, но тој вчера ослабна во тропска бура и најверојатно ќе продолжи да слабее.

Иако ураганите се вообичаени за овој период од година во САД, тие обично се случуваат во јужните делови од земјата.

Американскиот претседател Џо Бајден вети помош на седум држави погодени од бурата.