Турција: Уапсена новинарка поради наводна навреда кон Ердоган

LinkSense.mk

Позната турска новинарка е приведена до почетокот на судењето поради наводна навреда кон претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, потврди нејзиниот адвокат.

Новинарката Седеф Кабас е приведена откако на телевизија и на социјалните мрежи цитираше поговорка за вол, која е протолкувана како навреда на Ердоган.

Откако Ердоган стана претседател во 2014 година и по повеќе од една деценија како премиер, турските власти процесуираа десетици илјади луѓе за навреда кон него.

Угур Појраз, адвокатот на приведената новинарка, на својот Твитер профил објави дека Седеф Кабас е официјално уапсена вчера кога се појавила во судот во Истанбул, откако судијата го прифатил аргументот на обвинителството дека во нејзиниот случај постои ризик од бегство.

Кабас (53) во текот на нејзината 30-годишна новинарска кариера водела серија ТВ емисии од „висок профил“.

Владините претставници ги осудија нејзините коментари, додека опозициските политичари го бранеа правото на слобода на говор.

Навредата на избраниот претседател на нашата нација со погрдни и вулгарни изрази е всушност напад на волјата на нацијата“, напиша на Твитер Нуман Куртулмуш, заменик-претседател на владејачката партија.

Лидерот на опозицијата, Мерал Акшенер, го искористи хаштагот како знак на поддршка за Кабас.

Ваквиот начин на размислување ќе исчезне и правдата повторно ќе дојде во Турција“, напиша таа.

За навреда на претседателот на Турција предвидена е максимална затворска казна во траење од четири години.