Турција ќе ги извлекува македонските државјани од Авганистан

Министерот за надворешни работи Бујар Османи остварил контакт со неговиот турски колега Мевљут Чавушоглу од кого добил уверување дека доколку има потреба ќе помогнат при извлегување на македонските државјани од Авганистан.

„Со оглед дека Република Турција има широко дипломатско и логистичко присуство во Кабул, побарав евентуална асистенција доколку се појави потреба за извлекување и на нашите граѓани таму. Добив уверување од колегата Чавушоглу дека нивното присуство во Кабул е стабилно, дека располагаат со доволно логистички капацитет за
трансфер на нивните граѓани и дека ќе имаат предвид, доколку се појави потреба, да помогнат и при извлекување на наши граѓани“, напиша Османи на Фејсбук.

 

Македонските државјани се на безбедни локации

 

Министерството за надворешни работи соопшти дека во Авганистан има околу 100 наши државјани, но засега сите се на безбедни локации.

„Според последните информации кои ги добивме, компаниите кои ги ангажираат работниците, не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен“, информираа од МНР.

Во последните 24 часа, на дежурните телефони во министерството се јавиле неколку граѓани кои имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување.

Од МНР нагласуваат дека будно се следи ситуацијата и дека некои држави веќе изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат опфатени и македонските државјани.

„Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од амбасадите и конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението од МНР.