Убавините на Македонија презентирани на саем во Тирана

Македонската Агенција за промоција и поддршка на туризмот ја претстави туристичката понуда на Македонија пред 73 изложувачи и гости на првиот меѓународен саем за туризам во Тирана.

На панел-дискусијата во рамките на саемот „Регионална соработка во туризмот: Предизвици и долгорочен поглед“, директорката на агенцијата, Лела Крстевска, ја истакнала суштината на меѓународната соработка во регионот и нејзината важност во име на одржливиот туризам.

„Крстевска стави акцент на тоа дека оваа година, Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, заедно ќе се претстават на саемот за туризам во Јапонија, како една дестинација за азиските земји, со што се потврдува важноста на регионалната соработка“, се вели во соопштението до медиумите.

Интересот за Македонија на саемот во Тирана, според АППТ, бил огромен, а штандот го посетиле амбасадорот на Македонија во Албанија, Стојан Карајанов, албанскиот министер за економски развој, туризам и трговија Милва Економи и Ардит Чолаку, директор на албанската агенција за туризам.