УЖАС ВО ГРЦИЈА: Полицаец му пукал на тинејџер во глава затоа што не платил гориво

LinkSense.mk

Тинејџер се бори за живот откако полицаец му пукал во глава додека бегал од бензинска пумпа на која не платил гориво. Полицаецот испукал два истрела кон 16-годишното момче, во Солун, вториот по големина град во Грција.

Во понеделникот демонстранти излегоа на улиците, а протести имаше и вчера.

Пукањето го истакна проблемот со полициското насилство кое стално се повторува во грчките градови.

Минатата година беше убиен 18-годишниот Никос Сампанис. Момчето беше застрелано во автомобилска потера во близина на Атина.

На 6 декември 2008 година, 15-годишно момче беше застрелано од полициска патрола во главниот град.

Годишнината од смртта на Алексис Григоропулос секоја година се одбележува со големи протести.

Во последниот инцидент, тинејџер во своето возило си наточил бензин за околу 20 евра и побегнал.

Во тој момент на бензинската пумпа со мотори имало четворица полицајци кои се обиделе да го спречат. Рекоа дека 16-годишникот го свртел возилото кон нив со намера да ги удри.

„Пукав еднаш во воздух и еднаш кон возилото.Животите на колегите беа загрозени“, изјави 34-годишниот полицаец кој подоцна беше суспендиран од должност поради пукањето.

Веста за повреденото момче предизвика протести на локалната ромска заедница пред болницата во Солун каде на момчето му беше извршена операција за отстранување на куршум од главата.

На демонстрантите им се придружија пријатели и роднини, а врз полицијата беше фрлано со камења.

„Што ако не платил?

Морале ли да го убијат?“, изјавил таткото на момчето за грчките медиуми, додавајќи дека направил грешка и дека требало да биде уапсен дома.

Полицаецот кој пукал на момчето се појавил на суд каде што бил обвинет за обид за убиство и други кривични дела.

Според локалните извештаи, демонстрантите запалиле гуми и канти за ѓубре во западниот дел на градот.

Подоцна на социјалните мрежи се појави видео на кое, наводно, се гледа како полицијата, пред судот, го малтретира таткото на застреланото момче. На снимките може да се забележи човек фрлен на земја, опкружен од припадници на интервентната полиција.

Ромите се најголемото малцинство во Грција, ги има околу 270.000, и главно живеат во импровизирани сместувања.

 

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)