Унгарија прогласи вонредна состојба

LinkSense.mk

Унгарската влада прогласи вонредна состојба поради војната во Украина. Таа одлука стапува на сила веднаш.

Премиерот Виктор Орбан го објави ова на Фејсбук, велејќи дека неговата влада мора да биде способна брзо да одговори на предизвиците.

Да потсетиме, владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во вторникот минатата недела го протурка уставниот амандман со кој се дозволува владеење на правото со декрет во случај на вооружен конфликт или хуманитарна катастрофа во соседна земја, јави ДПА.

Мерката, поддржана од 136 членови на владејачката десничарска националистичка партија Фидес, овозможи да се воведе вонредна состојба врз основа на војната во Украина.

Во Унгарија сè уште е на сила вонредна состојба поради пандемијата со Ковид-19. Официјално таа истекува на крајот на мај. Вонредна состојба поради здравствени причини беше воведена пролетта 2020 година и неколкупати беше обновувана од парламентот. Ваквата состојба овозможува суспензија на законите и воведување рестриктивни мерки со прописи.

Парламентот во рок од 15 дена мора да ги одобри прописите, што досега беше само формалност поради големото мнозинство пратеници што го има Фидес, партијата чиј претседател е премиерот Орбан. Според мислењето на набљудувачите, здравствената вонредна состојба била искористена за цели едвај поврзани со здравствени прашања, вклучително и наметнување мерки кои финансиски ги загрозуваат местата каде опозицијата е на власт и за поддршка на провладините бизнисмени.

 

 

 

 

 

 

(Фото: Дојче Веле)