Унгарија тргна во обемна вакцинација на населението

Во Унгарија од денеска се ублажуваат антиепидемиските мерки за граѓаните кои се вакцинирани или прележале ковид-19.

Ова е најновото ублажување кое почна во екот на амбициозната кампања за вакцинација.

Тие кои што поседуваат имунолошки потврди ќе можат да излезат во ресторан на вечера, да одат во хотели, театри, бањи, теретани, библиотеки, музеи и слични места, пренесува АП.

Раљботното време на продавниците е продолжено до 23 часот, а полицискиот час ќе почнува на полноќ.

Сите кои се вакцинирани или прележале корона ќе добијат владини имунолошки потврди кои се задолжителни да ги покажат на влез во секој објект.

Со околу четири милиони употребени вакцини, Унгарија покри околу 40 отсто од својата популација и е единствената членка во Европската унија која покрај вакцините од западните производители, користи и руски и кинески.

Сепак, Унгарија има најголема стапка на смртност, на 100 илјади жители, во светот.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, најави дека повторно ќе бидат дозволени патувањата во Унгарија за сите кои имаат валидна имунолошка карта.