УНИЦЕФ ја поздравува одлуката на Владата за отворање на училиштата

Засилувањето на новиот бран не ја менува одлуката на Владата, учебната година да почне од 1 септември со физичко присуство на учениците.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вчера потенцираше дека највисок интерес на учениците е да бидат во училиште.

„Ние сега како земја се обидуваме да воспоставиме таков систем, по протоколи. Секако дека здравствената состојба на национално ниво, или регионално или општинско, се менува и здравствената комисија ќе дава поинакви инструкции, заради што ние како Министерство за образование и наука доследно ќе ги почитуваме нивните препораки, како досега така и од сега“, нагласи Царовска.

УНИЦЕФ вчера ја поздрави одлуката на Владата за отворање на училиштата со физичко присуство за сите ученици од 1 септември.

Патриција Ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во изјава за медиумите ја охрабри ваквата одлука на Владата и истакна дека ризикот од пренос на Ковид-19 во училиштата може да се контролира со засилени превентивни мерки и навремено откривање и изолација на случаите и на нивните контакти.