Утре започнува 34. Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“

Крива Паланка, 10 септември 2020 (МИА) –  Во новиот конак на манастирскиот комплекс Св.Јоаким Осоговски кај Крива Паланка од утре до 15 септември ќе се одржи годинашното издание на традиционалната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.

Колонијата која се одржува три и пол децении годинава е со скратена програма, ќе  биде со седум учесници и ќе трае само пет дена.

-Колонијата традиционално се одржува во манастирот Св.Јоаким Осоговски и првпат во нејзината историја со концепт сообразен на екстерни влијанија, во случајот светската пандемија предизвикана од Ковид-19, во кој вредносното и естетското ниво не се нарушуваат, но се зајакнуваат безбедносните мерки за здравјето на учесниците. Колонијата ќе работи комбинирано со непосредно учество на седум ликовни творци и работа во студио на тројца уметници. Времетраењето е скратено на пет дена, а уметниците имаат обврска по слободен тематски пристап да изработат по една ликовна творба, изјави координаторот на колонијата, Јордан Михајловски.

Во работата на колонијата за првпат по 30 години, учествуваат само македонски уметници.

-Создадените дела заедно со минатогодишната експозиција ќе бидат изложени во ЛУ Градски музеј-Крива Паланка по повод 8 Октомври, денот на ослободување на Општина Крива Паланка. На оваа, 34-та колонија ќе учествуваат: Димитар Стојчевски, Гоце Божурски, Стефан Хаџиниколов, Микица Трујкановиќ, Драган Најденовски, Касиопеја Наумовска, Ангел Коруновски, Александар Филев, Цветанка Јованова и Дејан Иванов-Маргуш, додаде Михајовски.

Организаторите посочија дека сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19 ќе бидат запазени, секој уметник ќе биде сместен поединечно, а манастирот располага со соодветен капацитет на внатрешен и надворешен простор за работа.