Утре пристигнува втората пратка вакцини од Србија

– Министерот за здравство Венко Филипче утре, во 13.30 часот, на граничниот премин Табановце ќе ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор
Лончар, кој ќе ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“.

Настанот ќе се одржи на меѓуграничниот премин на македонската и српската граница, информираат од Министерството за здравство.

Првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4.680 вакцини присуствуваа премиерот Зоран Заев и српскиот претседателот Александар Вучиќ.

Преговорите за донација од 8.000 вакцини од Србија почнаа на средината на јануари.

Со вакцините на „Фајзер“ кај нас почна процесот на имунизација, првично со вакцинирање на здравствените работници.

Следни за вакцинација се ризичните групи граѓани над 70 години.