Фајон: Бугарите се егоистични, себични и неодговорни

„Многу сум разочарана од однесувањето на Бугарија, нивниот егоизам или себичност е екстремно погрешен и неодговорен. Се надевам дека ќе успееме да ја убедиме Бугарија што е влогот и да најдеме компромис и договор, затоа што не можеме заради
национален интерес или заради добивање политички поени во национално опкружување да загрозуваме иднина на соседна земја, што се случува денеска“, вели Тања Фајон европратеничка од Словенија и силен поборник за европерспективите на Западен Балкан.

„Пред нас е важно време, не е изгубено се, не сакам да бидам песимистична. Јас сум реалист. Мора да одиме напред, бидејќи едно нешто за мене е јасно – Западен Балкан отсекогаш е дел од Европа. Го делиме континентот и глобалните предизвици. Си требаме едни на други, за заедно да се бориме и да го одржиме континентот силен и
обединет“, вели Фајон во интервју за „360 Степени“, коментирајќи го новиот спор со Бугарија.

Фајон изразува задоволство што Словенија, го стави Западен Балкан меѓу приоритетите од своето шестмесечно претседавање со ЕУ.

„Ја поддржувам амбициозната агенда, што може да биде најдобар можен исход и се надевам дека со помош на сите европски партнери ќе успееме да ги отпочнеме преговорите со Северна Македонија и со Албанија и да го испорачаме тоа што го ветивме пред три години – визна либерализација за Косово. Некако, повторно да се поврзе бизнисот, економијата, контактите меѓу луѓето, да се врати довербата, не само внатре во регионот, туку и во институциите и во ЕУ. Сакам да ги видам пријателите од Западен Балкан како дел од дискусијата за иднината на Европа. Ние се обидуваме да го постигнеме тоа во Брисел, во Европскиот парламент. Дебата со граѓанското општество, со граѓаните е во тек и срамно е да се види дека Западен Балкан не е
вклучен. Тоа е можност навистина да покажеме дека сите сме дел од овој континент и треба да дискутираме заедно за нашата иднина“, вели европратеничката Тања Фајон.