Федерер без решение за Тим

Доминик Тим е овосезонска ноќна мора за Роџер Федерер. Австрискиот тенисер трет пат во оваа натпреварувачка година го совлада швајцарскиот ас, овој пат на стартот на завршниот Мастерс во Лондон.

Дуелот во англиската престолнина беше идеална прилика за Федерер да му се реваншира на Тим за поразите во Индијан Велс и во Мадрид.

Швајцарецот со брејк го отвори дуелот, но набргу ја загуби предноста (во четвртиот гем) па се до самата завршница на првиот сет се водеше изедначена борба без прилики за одземање на сервисот. Првата дојде во десетиот гем, за Тим, која Австриецот ја искористи и потоа, со малку потешкотии, го заврши првиот сет во негова корист.

Федерер во вториот сет во четвртиот гем ја испушти шансата да му одземе сервис на петиот тенисер на светот, којшто во 10 гем на многу убедлив начин, без изгубен поен, направи брејк и дојде на чекор до триумф.

Тогаш како да му се стегна раката на Доминик и со неколку грешки му дозволи на Федерер две прилики вториот сет да го одведе во тај брејк, но со одлични сервиси ги спаси двете брејк топки и потоа втората прилика ја претвори во триумф.

Во вторник Тим најверојатно ќе игра против Новак Ѓоковиќ, кој денеска претходно беше убедлив против Италијанецот Матео Беретини (6:2, 6:1), но конечната одлука ќе ја дадат организаторите на турнирот.

(Фото: АП)