Социјалната мрежа Фејсбук ја претстави опцијата која на корисниците ќе им овозможи пријава на лажни вести, а планира и соработка со организации за проверка на податоци, во рамки на настојувањето да го елиминара бранот на дезинформации во контекст на обвиненијата за тоа што се случи на американските претседателски избори.
„Сметаме дека на луѓето треба да им се даде прилика да го изразат своето мислење и дека не можеме сами да судиме за тоа што е вистина, па затоа на овој проблем му приоѓаме внимателно“, напиша во четвртокот на својот блог потпретседателот на Фејсбук, Адам Мосери.
Тој вели дека опцијата се концентрира на најлошо од најлошото, на очигледните измами кои шират спамери за од нив да извлечат корист.
Од Фејсбук најавија дека ќе почнат да го тестираат системот така што на корисниците ќе им овозможи да кликнат на вести за кои се сомневаат дека се лажни.
Мрежата најави дека ќе соработува со меѓународните организации за проверка на податоци, кои се обврзале дека ќе го почитуваат кодексот за проверка на податоци.
„Ако организациите за проверка на податоците заклучат дека некоја вест е лажна, таа ќе биде означена како спорна, а ќе биде достапен линк на соодветен текст со објаснување“, вели Мосери и додава дека „спорните приказни можат исто така да бидат пониско позиционирани во News Feed“.
Фејсбук се најде на удар на критики затоа што не ја запрел поплавата од лажни вести кои, според некои аналитичари, можеби му помогнаа на републиканскиот кандидат Доналд Трамп да победи на претседателските избори во
САД, затоа што ширеле негативни, пред се лажни, вести за Хилари Клинтон.
Фејсбук ги отфрли таквите наоди, но паралелно со тоа одлучи да ги зајакне напорите за искоренување на лажните вести.